Србија испраќа три милиони евра хуманитарна помош во Газа

Хуманитарната помош за Газа од Србија, аеродром Никола Тесла, Белград, 10 мај 2024 г.

Србија испрати 900 тони хуманитарна помош, во вредност од три милиони евра, за Газа.

Информацијата денеска (10 мај) ја објави српската влада наведувајќи дека дел од храната, водата, медицинската опрема и шаторите за сместување семејства ќе бидат испратени авионски во Египет во петокот и саботата.

„Остатокот од хуманитарната помош, пак, ќе биде транспортиран со брод во неколку наврати. Планот е, кога помошта ќе пристигне во Египет, таа да биде преземена од Црвената полумесечина на Египет и понатаму да се транспортира со камиони до Појасот Газа“, соопшти Владата на Србија.

Видете и ова: Генералното собрание на ОН ја поддржа палестинската кандидатура за членство

Во соопштението додаваат дека поради сложеноста на транспортот и хуманитарната ситуација, не може да се процени кога помошта од Србија ќе стигне до ранливото население во Газа.

Исто така, српските власти наведоа и дека со уплата на средства во износ од десет илјади евра позитивно одговориле на повикот на специјализираната агенција на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) да дадат финансиска поддршка на Програмата за итна помош за Газа.