Грчката опозициска партија Сириза бара владата на премиерот Киријакос Мицотакис да реагира доколку новата власт во Северна Македонија го прекршува Договорот од Преспа.
Атина и Скопје го потпишаа договорот на 17 јуни 2018 година, а беше постигнат од владите предводени од поранешните премиери на Грција и Северна Македонија, Алексис Ципрас од Сириза и Зоран Заев од СДСМ.
Сириза која потоа замина во опозиција и Ципрас се повлече од лидерската позиција, сега ја обвинува владата на Нова Демократија предводена од Мицотакис дека е пасивна во однос на обврските од договорот.
Видете и ова: Герапетритис: Треба строго и цврсто придржување кон Договорот од ПреспаРеакцијата следува два дена по изборите во Северна Македонија на кои ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори, а нивната кандидатка Гордана Сиљановска Давкова го совлада противкандидатот Стево Пендаровски во трката за претседател на државата.
„Владата мора да го напушти овој пасивен став и веднаш, врз основа на одредбите од Договорот и со мобилизирање на сите достапни дипломатски средства на меѓународно и европско ниво, со строгост, да се соочи со секоја употреба на термини или постапки од новата претседателка и членовите на новата Влада на Северна Македонија кои го прекршуваат Договорот од Преспа – особено уставното име. Потсетуваме дека овие средства вклучуваат и замрзнување на интегративната перспектива на соседната земја, како и активирање од САД на законот усвоен во јуни 2021 година, што предвидува санкции во случај на оспорување /прекршување на Договорот од Преспа“, пишува во соопштението од Сириза, пренесува државната новинска агенција МИА.
Грчката опозиција критикува и дека тамошната влада сè уште не ги ратификувала меморандумите, како и оти не направила ништо за промената на учебниците и на трговските ознаки на компаниите од соседната земја, но и за промена на сообраќајните табли во Грција.
„Не само што не ги ратификуваше трите меморандуми од 2019 година кои имаа јасни придобивки за земјата, туку не се одржа ниту еден Висок совет за соработка – и покрај предвиденото за еднаш годишно, а беше потпишан само еден меѓудржавен договор наместо да се договорат десетици нови“, велат од Сириза.
Видете и ова: Што остана неисполнето од Преспанскиот договорПо потпишувањето на Преспанскиот договор во јуни 2018 година, во Северна Македонија следуваа уставни измени со кои државата во своето уставно име ја додаде придавката „Северна“. Новото име стапи на сила во февруари 2019-та.
Со договорот се реши деценискиот спор со Грција што беше пречка и во евроатлантските интеграции на Скопје. Денес, Северна Македонија е членка на НАТО, но уште чека отворање на преговорите со ЕУ по поглавја. Сепак, и за двете земји потписнички, како што веќе пишуваше Радио Слободна Европа, останаа обврски за исполнување.