ДСЗИ: Забрана за пристап на Токсикологија за здравствените работници без договор за работа

илустрација

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе издаде решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа на Клиниката за токсикологија ќе им биде забранет пристап на Клиниката. Ваквиот чекор на ДСЗИ следува откако менаџментот на Клиниката не постапил по издаденото решение за опомена со наложени инспекциски мерки.

Како што денеска (2 мај) информираше директорката на ДСЗИ Рената Младеновска менаџментот на Клиниката не постапил по мерките што ги издал ДЗСИ, освен по една точка да се свика Управниот одбор.

„ДСЗИ изврши контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки кои истото беа должни во рок од три дена да испратат писмено известување дали е постапено по истото решение, меѓутоа такво писмено известување не добивме. Со оглед на фактот дека на самиот надзор присуствуваа двајцата директори и медицинскиот и организацискиот беше доставена документација во однос на листи од електронска евиденција на работно време и контрола на пристап во просториите од истите документи ДСЗИ го констатираше следново: По точка 1 и 2 од решението издадено за опомена не се постапува, односно здравствените работници соработници коишто немаат договор за вработување, односно договорот им истекол на 31.12.2023 година истите се евидентираат и понатаму на Клиниката за токсикологија што значи дека не е постапено од решението под точка 1 и 2“, рече Младеновска.

Видете и ова: Поплава на Клиниката за токсикологија, се чека решение за хаосот

Доколку не се постапи и по ова решение, Младеновска рече дека следуваат парични казни за организацискиот и за медицинскиот директор, како и за самата Клиника.

Прашана како е можно да се појавуваат на работа лица кои немаат договор за работа, Младеновска упати одговорот да се бара кај менаџментот на Клиниката и кај Министерството за здравство.

Инаку доктори од Клиниката за токсикологија неодамна на прес-конференција алармираа дека во оваа здравствена установа се случува хаос особено, како што велат, од назначувањето на организациската директорка Бесија Иљази на средината на февруари.

Наспроти нив, пак, министерот за здравство Илир Демири најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Данил Петровски, додека кај организациската директорка вели „нема констатирано ниту едно прекршување на правото“.

Досега, не е разрешен ниту Петровски, ниту Илјази.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) кој изврши вонреден надзор на Клиниката за токсикологија утврди дека вкупно 11 лица бесправно работеле со пациенти и давале здравствени услуги, иако немале договори за ангажман.