Претседателот на Државната изборна Комисија (ДИК) Александар Даштевски за време на денешното продолжение на 98-та седница на комисијата, а во врска со вчерашниот прв круг претседателски избори, ги потврди првичните резултати од гласањето, а укажа и на тоа дека течат роковите од вкупно 48 часа за учесниците на изборите да поднесат приговори за евентуални неправилности поврзани со изборниот ден.
Како што соопшти Даштевски, според обработените податоци на ДИК, на вчерашното гласање своето избирачко право го оствариле вкупно 905.971 граѓанин, односно излезноста на првиот круг претседателски избори изнесува 49,93 проценти.
Првичните резултати на ДИК, познати уште од доцна синоќа, покажуваат дека убедливо најмногу гласови има професорката Гордана Силјановска Давкова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – 363. 086 гласови, потоа следуваат Стево Пендаровски од СДСМ со 180.500 гласови, Бујар Османи од ДУИ со 121.088 гласови, Максим Димитриевски од ЗНАМ со 83.856 гласови, Арбен Таравари со 83.393 гласови, Билјана Ванковска-Цветковска поддржана од Левица со 41.331 глас и Стевчо Јакимовски од Гром со 8.121 глас.
Видете и ова: Убедливата победа на Сиљановска резултат на незадоволство од властаОва значи дека во вториот круг претседателски избори ќе се соочат Гордана Сиљановска-Давкова и Стево Пендаровски, како што беше тоа случај и на изборите во 2019 година.
Од изборната комисија денеска соопштија и дека вчера на 3 места во Куманово гласањето било прекинато поради технички проблеми, но затоа што станува збор за мал број гласачи, 872, кои немаат влијание врз крајниот исход, ДИК го поништи гласањето таму и информираа дека таму нема да има прегласување.
Своја оценка за избирачкиот процес денеска дадоа и претставниците од Мисијата за оценка на избори ОБСЕ/ОДИХР, а оттаму вчерашниот изборен ден го оценија како „позитивен“, додека повеќето од забелешките кои ги упатија се однесуваа за предизборната кампања.
Видете и ова: ОБСЕ/ОДИХР: Изборниот ден позитивно оценет, забелешки за кампањатаВториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, кога граѓаните паралелно ќе гласаат и на парламентарни избори. Излезноста на овие избори беше поголема од таа во првиот круг пред пет години.
Во првиот круг од претседателските избори право на глас имаа 1.814.317 граѓани, а се гласаше на 3.508 избирачки места.