Францускиот претседател Емануел Макрон повика на посилна, поинтегрирана европска одбрана и рече дека континентот не смее да стане „вазал“ на САД, за време на говорот во кој ја истакна неговата визија за посилна Европска Унија на глобалната сцена.
Макрон исто така рече дека однесувањето на Русија е „недозволиво“ и дека веќе не е јасно каде лежат „границите“ на Москва. Тој додаде дека не смее да и се дозволи на Русија да победи во Украина.
Во говорот во амфитеатарот на Универзитетот Сорбона во Париз, Макрон, исто така, рече дека Кина и Русија не ги следат глобалните трговски правила и ја повика Европската Унија да ја промени својата трговска политика.
„Постои ризик нашата Европа да умре. Ние не сме подготвени да се соочиме со ризиците“, рече Макрон во говорот во Париз, предупредувајќи дека воените, економските и другите притисоци може да ја ослабат и поделат Европската Унија.
Остануваат уште три години од неговиот втор и последен мандат по губењето на парламентарното мнозинство во 2022 година, а Макрон сака да им покаже на критичарите дека сè уште има енергија и свежи размислувања кои му помогнаа да стане претседател во 2017 година.
Видете и ова: Макрон повика на трајно зголемување на одбранбеното производствоМакрон се врати на истите теми од говорот што го одржа во септември 2017 година, неколку месеци по преземањето на функцијата на истата локација. Сепак, седум години подоцна контекстот е различен и го одбележуваат теми како Брегзит, пандемијата со ковид-19 и руската инвазија на Украина.
Макрон го застапува концептот на европска стратешка автономија во економијата и одбраната, тврдејќи дека Европа мора да се соочи со кризи како руската инвазија на Украина без да се потпира на САД.
Тој ја повика Европа да биде повеќе одговорна за својата судбина, нагласувајќи дека во минатото била премногу зависна од Русија за енергија, а од Вашингтон за безбедност.
„Мораме самите да го изградиме овој стратешки концепт на кредибилна европска одбрана“, рече Макрон, додавајќи дека Европа не може да биде „вазал“ на САД.
Видете и ова: Бајден го потпиша законот за 61 милијарда долари воена помош за УкраинаТој рече дека во наредните месеци ќе побара предлози од европските партнери и додаде дека на Европа и требаат сопствени капацитети во сајбер одбраната и сајбер безбедноста.
По Брегзит и заминувањето на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, многумина го гледаат Макрон како главен европски лидер.
Но, популарноста на францускиот претседател е во опаѓање, а неговата централистичка партија заостанува зад екстремно десничарските партии на анкетите пред изборите за Европскиот парламент во јуни.