Силјановска Давкова и Пендаровски ќе се соочат во вториот круг претседателски избори

Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМ и Гордана Силјановска Давкова, претседателска кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ (претседателски избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година)

Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател на Северна Македонија поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, претседателскиот кандидат на СДСМ, ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 8 мај, истовремено со единаесеттите парламентарни избори во Северна Македонија, покажуваат првичните неофицијални резултати што на прес-конференција вечерва ги објави Државната изборна комисија (ДИК).

Според резултатите, од преброени гласови од 3.156 избирачки места (89, 98 отсто од избирачките места), Силјановска Давкова освоила 324. 177 гласови или 39,99 отсто. Пендаровски освоил 161. 393 гласови односно 19, 90 отсто од гласовите.

Силјановска Давкова во вториот круг влегува со предност од повеќе од 150.000 гласови пред Пендаровски. Двајцата беа директни ривали и на претседателските избори пред пет години, во 2019 година.

Трет по освоени гласови од седуммината претседателски кандидати е Бујар Османи од ДУИ со освоени 110. 903 гласови.

Видете и ова: Сиљановска-Давкова со двојна предност пред Пендаровски во првиот круг

Следуваат Арбен Таравари со 78. 110 гласови, Максим Димитриевски од ЗНАМ со 70.996 гласови, Билјана Ванковска, кандидатката поддржана од „Левица“ со 35.949 гласови и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 7.499 гласови, според досегашните резултати.

Александар Даштевски, претседател на ДИК, рече дека 49,75 отсто е излезноста на гласачите според податоците од 3.156 избирачки места. На гласање излегле 810. 971 гласачи. Важечки гласачки ливчиња се 789. 031, а неважечки се 21.946 гласачки ливчиња.

Даштевски оцени дека изборниот ден минал мирно, а граѓаните достоинствено гласале.

„Деведесет и девет отсто работите минаа како што треба“, рече претседателот на ДИК.

Во првиот круг од претседателските избори право на глас на имаа 1.814.317 граѓани. Се гласаше на 3.508 избирачки места, а оценките кои пристигнаа и од институциите и од партиските штабови беа дека изборниот ден поминал во фер и демократска атмосфера.

Видете и ова: Тапани во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, воздржаност кај СДСМ

Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати.

За некој да победи во првиот круг потребно е да освои 50% + 1 глас од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Во вториот, пак, победува кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно да има излезност од најмалку 40 отсто.

Овие претседателски избори се седми по ред на кои граѓани непосредно го бираат шефот на државата.