Со предност од над 180.000 гласа, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Гордана Сиљановска-Давкова, влегува во вториот круг од претседателските избори во Северна Македонија во кој ќе се соочи со актуелниот претседател Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ и коалицијата „За европска Македонија“. Двајцата беа директни ривали и на изборите пред пет години.
Вториот круг ќе се одржи на 8 мај, кога граѓаните паралелно ќе гласаат и на парламентарни избори.
Според првичните нецелосни податоци од ДИК, на 90 отсто обработени гласови, Сиљановска-Давкова освоила 362.682 граѓани (40,08 отсто од вкупниот број гласови), додека Пендаровски 180.306 (19,93 отсто).
Разликата во гласовите се отслика и во атмосферата во двата политички табори вечерта по гласањето на 24 април. Зурли и тапани, факли и патриотски песни – пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а тивко и нераздвижено во еден од хотелите во Скопје каде беше сместен изборниот штаб на СДСМ.
Покрај Сиљановска-Давкова и Пендаровски, на гласачкото ливче во првиот круг се најдоа уште петмина кандидати, што овие избори, заедно со тие во 2009 година, ги направи избори со најголем број претенденти за шеф на државата.
Излезноста на овие избори беше поголема од таа во првиот круг пред пет години. Според податоците од ДИК, до 18.30 часот односно половина час пред затворањето на гласачките места, одѕивот бил 48.38 отсто. Во 2019, пак, беше 41,67 отсто.
Сиљановска-Давкова: Регионот не смее да биде синоним за балканизација
Во првото обраќање, Сиљановска-Давкова се заблагодари на поддршката, порача дека ова е „почеток на ново време“ за Балканот и зборуваше за регионална соработка и европска интеграција.
„Ако заедно се отвориме едни кон други ако побараме помош од оние од регионот што веќе се членки на ЕУ мислам дека ќе бидеме компетитивен играч и дека тогаш заедно ќе направиме од овој регион едно место што не мора, што не смее, да биде синоним за балканизација туку за регионална интеграција а таа е претпоставка и за европската интеграција“, рече Сиљановска-Давкова која очекува во вториот круг да добие поддршка и од останатата опозиција.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика на „целосно народно и седржавно обединување против оваа власт“. Кажа и дека вечерва се слушнал со Арбен Таравари, кандидат на албанскиот опозициски блок за да им посака успех на парламентарните избори.
Пендаровски: Почнуваме од нула
Стево Пендаровски, пак, не криеше дека резултатите не се такви како што очекувале, но за вториот круг порача дека нема да бара никаков договор со други политички субјекти за „префрлање“ гласови.
„Тргнуваме од нула, од почеток. Моја задача ќе биде, како и во изминативе 20 дена, да го промовирам концептот во кој длабоко верувам, а тоа е интегрирана држава, без поделби. Ги охрабрувам граѓаните кои не излегоа во првиот круг, да учествуваат во вториот круг, затоа што веруваат дека победникот ќе се решава во вториот круг. Очекувам уште поголем одѕив и уште поголем бројка да го препознаат концептот – демократска, просперитетна држава, рамноправна со сите нации“, рече Пендаровски.
И лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кажа дека не очекувале ваков резултат и тои е „јасно дека луѓето нè казнија и тоа го прифаќаме“. Ова е тежок удар за европската перспектива, рече тој, но „не е доцна да се смени правецот“.
„Откажувањето не е опција за нас, нема да се откажеме од европската иднина“, рече Ковачевски.
Како беше пред пет години во соочувањето меѓу Сиљановска-Давкова и Пендаровски
Соочувањето во вториот круг ќе биде реприза од пред пет години. Тогаш, во првиот круг, покрај Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова беше и Блерим Река, како кандидат поддржан од Алијанса за Албанците и Беса.
Во првиот круг тогаш разликата беше околу четири илјади гласови во корист на Пендаровски пред Сиљановска-Давкова. Тој освои 322.581, а таа 318.341. Река, доби 78.888 гласа.
Во вториот круг, пак, Пендаровски имаше 435.656 пред Сиљановска-Давкова за гласаа 377.446 граѓани.
Колку гласови освоија останатите кандидати
Од останатите петмина кандидати, кои испаднаа од претседателската трка, најмногу гласови доби кандидатот на ДУИ и Европскиот фронт, Бујар Османи, кој е и актуелен министер за надворешни работи, освои 111.311 (13,68 отсто). Актуелниот градоначалник на Гостивар и кандидат на коалицијата Вреди составена од албанските опозициски партии, Арбен Таравари, доби 78.367 гласа (9,63 отсто).
Следен, според бројот на освоени гласови е Максим Димитриевски од ЗНАМ, кој е актуелен градоначалник на Куманово, со 71.301 глас (8,76 отсто). Професорката Билјана Ванковска-Цветковска ја доби довербата од 36.076 граѓани (4,43 отсто), а градоначалникот на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, зад кого застана коалицијата Храбро за Македонија заврши последен со 7.513 гласа (0,92 отсто).
Славје, разочараност и воздржаност во другите штабови
Предноста на Бујар Османи пред директниот ривал Арбен Таравари, беше причина вечерта на 24 април, покрај во ВМРО-ДПМНЕ да се слави и во штабот на ДУИ. Приврзаници на интегративците славеа и на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, каде во еден од објектите е сместен изборниот штаб на ривалската коалиција Вреди. Поради тоа, како што пренесе и државната агенција МИА, на местото имаше зголемено полициско обезбедување, а штабот на албанската опозиција беше преместен на друга локација.
Османи, повикувајќи се на прелиминарни резултати, оцени дека тој и коалицијата оствариле „длабока победа“, но и дека резултатите покажуваат дека има етничка поделеност при гласањето.
„Сè уште има впечаток дека граѓаните повторно не излегле целосно од етничката бариера помеѓу Македонците и другите етнички заедници што зборува сè уште за едно поделено општество“, рече Османи.
Од штабот на Вреди, пак, оценија дека тие се добитници кога се во прашање гласачите Албанци.
„Добитник на овие избори е Вреди или ДУИ има вкупен број на гласови на помалите етнички заедници и на граѓаните кои имале потреба од нивните пари. Влен е легитимен претставник на Албанците, Вреди ги доби гласовите на Албанците. ДУИ со ова однесување го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците. Затоа на 8 мај ние ќе победиме. Важно е да потенцираме дека овој резултат и во мандати (за парламентарните избори) не е голема разлика од ДУИ“, рече Биљал Касами, лидер на партијата Беса која е дел од коалицијата Вреди.
Од останатите кандидати, Стевчо Јакимовски, рече дека резултатите се далеку од неговите очекувања. Кандидатката на Левица, пак, на првото појавување во јавноста по првичните резултати забележа дека „медиумите веќе ги прогласиле победниците“ и побара да се „почека за да се направат вистинските анализи“.
Максим Димитриевски од ЗНАМ излезе здоволен порачувајќи дека неговата партија по парламентарните избори ќе биде политички фактор без кој нема да може да се формира идната влада.
Мирен изборен ден
Во првиот круг од претседателските избори право на глас на имаа 1.814.317 граѓани. Се гласаше на 3.508 избирачки места, а оценките кои пристигнаа и од институциите и од партиските штабови беа дека изборниот ден поминал во фер и демократска атмосфера.
Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Јавното обвинителството, оценија дека изборниот процес поминал мирно и без поголеми нарушувања. Од МВР информира за одредени неправилности кои биле регистрирани на некои гласачки места меѓу кои повеќето инциденти со фотографирање на гласачкото ливче. Министерот Панче Тошковски најави дека ќе се поднесат две кривични пријави – една за „повреда на тајноста на гласањето“ и една за „повреда на избирачкото право“.
Од Јавното обвинителство, пак, соопштија дека на нивната електронска адреса не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, а од информациите добиени од терен оценија дека денот „поминал мирно“ и „не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето“.
Екипите на Радио Слободна Европа во текот на денот посетија повеќе избирачки места во Скопје, каде атмосферата беше мирна и гласањето се одвиваше без проблеми. Граѓаните што ги анкетиравме порачаа од идниот претседател очекуваат борба со корупцијата, задржување на младите дома, како и да биде личност што ќе се грижи за сите подеднакво.
Граѓаните по седми пат бираат шеф на државата
Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати.
За некој да победи во првиот круг потребно е да освои 50% + 1 глас од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Во вториот, пак, победува кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно да има излезност од најмалку 40 отсто.
Овие претседателски избори се седми по ред на кои граѓани непосредно го бираат шефот на државата. Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, беше избран со тајно гласање во македонското Собрание на 27 јануари 1991 година. Сите следни избори за претседател се одвиваа на општи и непосредни избори. Глигоров освои втор мандат, а по него на таа функција беа Борис Трајковски избран во 1999 година се до неговата трагична смрт во 2004 година. За трет претседател беше избран кандидатот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Потоа во 2009 година, Ѓорѓе Иванов кој остана два мандати претседател, а во 2019-та, пак, за шеф на државата дојде Стево Пендаровски.