Преку протест пред дирекцијата на ЈП„Национални шуми“, вработените во претпријатието го искажаа своето незадоволство поради неисплатените плати за последните два месеца.
Покрај неисплатените плати, на вработените во ова државно претпријатие не им се платени ниту додатоците за работа на терен, ниту пак надоместоците за пензиско и здравствено осигурување за два месеца.
Нив ги поддржаа и колегите од другите градови, односно од сите 30 подружници на „Национални шуми“ на ниво на цела држава.
Вработените добија поддршка и од Сојузот на синдикати на Македонија, кои исто така побараа 1800 вработени да ги добијат задоцнетите плати.
Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање Иван Пешевски нагласи дека како резултат на незадоволството кое владее кај вработените во ова претпријатие, следниот протест ќе се одржи и пред Владата.
„Овие протести од пред Дирекција секако дека ќе ги радикализираме и пред Влада, бидејќи ниту на вчерашната седница на Влада се разговараше за ова прашање, ниту пак имаме абер дека некој се грижи за вработените во „Национални шуми“ да подели не само плати за луѓето туку да им се исплатат и надоместоците за пензиско и здравствено осигурување. Навистина се соочуваме со голема категорија луѓе, 1800 вработени, па ќе треба навистина да се стави прст на чело што ќе се случува со нив“, истакна Пешевски.
Видете и ова: Вработените во „Национални шуми“ без плати, ама со нови возилаТој изрази и надеж дека овие протести ќе станат уште помасовни во наредниот период.
„Се надевам и дека наредниот пат ќе бидеме помасовни и ќе го кренеме гласот и пред владата и пред владините претставници, бидејќи нив зголемените плати од 80 проценти редовно ги земаат, а овде луѓето не земаат ништо“, додаде Пешевски.
За проблемот со неисплатените плати пак од „Национални шуми“ за РСЕ вчера одговорија дека тоа се должи на намалената побарувачка на огревно дрво од граѓаните, како и тоа дека производството е намалено на 100 000 метри кубни.
„Национални шуми“ велат и дека во изминатиот период детално ги известиле и Владата и ресорното Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство за проблемите со кои се соочуваат. Но, не даваат конкретен одговор до кога ќе трае голготата на вработените и како ќе се реши проблемот.