Парламентарното Собрание на Советот на Европа ќе расправа за барањето на Косово за членство

илустрација

Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска (16 април) во Стразбур ќе расправа за препораката за прием на Косово во членството на таа паневропска организација.

Пред пратениците ќе се најде предлог-мислењето за барањето за членство на Косово, со кое се препорачува влез на Косово во Советот на Европа.

Документот подготвен од грчката пратеничка Дора Бакојани беше усвоен на 27 март од Комисијата за политички прашања и демократија на ПССЕ.

Доколку Парламентарното собрание на Советот на Европа го усвои Мислењето, конечната одлука за членството на Косово ќе ја донесе Комитетот на министри на Советот на Европа кон средината на мај.

Нацрт-документот денеска ќе го разгледаат пратениците од 46-те земји-членки на Советот на Европа. Комитетот го поздрави како „голем чекор“ неодамнешното спроведување на пресудата на Уставниот суд на Косово од 2016 година, со која се призна сопственоста на 24 хектари земјиште на манастирот Високи Дечани.

Видете и ова: Амбициите на Косово за Советот на Европа - блиску до целта или во пит-стоп?

Враќањето на земјиштето во манастирот Високи Дечани беше еден од трите услови за влез на Косово во Советот на Европа. Останува формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) и прегледот на контроверзните експропријации во општините со српско мнозинство на Косово, вклучително и имотот на Српската православна црква.

Тие два услови се означени во нацрт Мислењето како „постпристапни обврски на Косово“, што Приштина мора да ги исполни по приемот во Советот на Европа.

Косово аплицираше за членство во СЕ во мај 2022 година. Во март 2023 година, Советот на Европа одлучи да ја проследи апликацијата на Косово до Парламентарното собрание на таа организација.