Само еден македонски државјанин побарал евакуација од Израел

Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија

Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија

Еден македонски државјанин побарал да биде евакуиран од Израел по повикот упатен до наши државјани кои во моментов се наоѓаат во таа земја, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, по нападот на Иран врз Израел во саботата, на 13 април.

„Досега се пријавил еден наш граѓанин во Амбасадата во Израел којшто бара да се евакуира веднаш поради состојбата. Веднаш му е даден патен лист за да може да ја напушти државата. Исто така од една компанија се јавија на СОС телефонот овде во Скопје за четворица вработени кои се во Израел да ги имаме предвид во случај да се влоши состојбата и да имаат и контактни броеви каде да ги контактираме за да може да ги извлечеме“, рече Османи.

Тој оцени дека ситуацијата на Блискиот исток е „делумно стабилна“ и се придружи на повиците до Израел да не возврати на нападот на Иран за како што вели, да се спречи влошување на состојбите и спиралата на конфликти.

Видете и ова: Какви се беспилотните летала „камикази“ со кои Иран го нападна Израел?


По нападите од саботата на Иран врз Израел во Министерството за надворешни работи беше формиран Кризен штаб чија примарна задача е да организира извлекување на македонските државјани од Израел и од поширокиот Блиски Исток доколку за тоа има потреба.

Покрај Амбасадата во Тел Авив на граѓаните на располагање им стојат и амбасадите во Каиро, Абу Даби и Катар.

Израел и неговите сојузници пресретнаа „огромно мнозинство“ од стотици беспилотни летала и проектили лансирани од Иран во раните утрински часови на 14 април.

Видете и ова: Г7 со заедничка изјава за поддршка за Израел

Силни експлозии и блесоци на светлина можеа да се видат на небото над многу делови на Израел додека противвоздушната одбрана на земјата се обидуваше да ги собори дојдовните беспилотни летала и проектили што Иран ги лансираше само неколку часа откако заплени брод поврзан со Израел во Ормускиот теснец.

Земјите ширум светот ги осудија нападите на Иран врз Израел доцна во саботата, предупредувајќи дека нападот се заканува дополнително да го дестабилизира Блискиот Исток.