Досегашниот амбасадор на Европската Унија во Малезија, грчкиот дипломат Рокас Михалис ќе биде новиот амбасадор на ЕУ во Северна Македонија. Тој ќе го замени актуелниот евроамбасадор во земјава, Дејвид Гир.
Генералниот секретар на Службата за надворешни работи на Европската унија (ЕУ), Стефано Санино, им го испрати на земјите-членки списокот на амбасадори и специјални претставници назначени од шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел.
На списокот во кој Радио Слободна Европа имаше увид може да се забележи дека е направена значајна промена во дипломатскиот кадар поврзан со земјите од Западен Балкан.
Се очекува Службата за надворешни работи на ЕУ наскоро да ја објави оваа листа.
Во рамките на ротацијата на дипломатските позиции на ЕУ, олеснувачот за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, Борел го назначи за амбасадор на Европската Унија во Швајцарија.
На оваа листа не се наоѓа името на наследникот на Лајчак во улогата на специјален пратеник на ЕУ за дијалогот Косово-Србија. Се очекува Службата за надворешни работи на ЕУ во соработка со земјите членки да донесе одлука подоцна, по можност во текот на летото.
Мандатот на шефот на Канцеларијата на ЕУ во Косово, кој е и специјален претставник на ЕУ за Косово, Томас Сононг, ќе заврши. На негово место, Канцеларијата на ЕУ во Приштина ќе ја води актуелниот амбасадор на Естонија во ЕУ, Аиво Орав.
Идниот шеф на Канцеларијата на ЕУ во Косово има искуство во балканскиот регион, а претходно беше шеф на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија и шеф на делегацијата на ЕУ во Црна Гора.
Видете и ова: „Треска“ за функции во БриселВо рамките на оваа ротација, италијанскиот дипломат Луиџи Сорека е именуван за шеф на Делегацијата на ЕУ во Сараево, што е покрај Косово, повисока функција од амбасадорите во другите земји од регионот, бидејќи има статус на специјален претставник на ЕУ.
За време на неговата дипломатска кариера, Сорека беше амбасадор на ЕУ во Албанија.
Актуелниот евроамбасадор во Сараево, Јохан Сатлер, останува во регионот, бидејќи Борел го назначи за амбасадор на ЕУ во Црна Гора.
Меѓу функционерите кои беа на функции поврзани со Западен Балкан е и онаа на Анџелина Ајхорст, како генерален директор за Европа во Службата за надворешни работи на ЕУ.
Таа претходно беше заменик генерален директор и нејзината канцеларија беше ангажирана во дијалогот меѓу Косово и Србија, пред Лајчак да биде назначен за специјален пратеник за дијалогот. Анџелина Ајхорст сега е назначена за амбасадор на ЕУ во Египет.
Од списокот на именуваните од Борел може да се види дека огромно мнозинство се или дипломати на земјите-членки или службеници на Службата за надворешни работи на ЕУ.
Иако надворешната политика сè уште е национална одговорност на земјите-членки, ЕУ има заедничка надворешна и безбедносна политика и прилично голема дипломатска служба ширум светот.