Брисел се сомнева во руско мешање на изборите во ЕУ

илустрација

Белгискиот премиер Александар Де Кро на 12 април објави истрага за сомнително руско мешање во европските избори во јуни, велејќи дека разузнавачката служба на неговата земја го потврдила постоењето на мрежа која се обидува да ја поткопа поддршката за Украина.

„Целта е многу јасна: ослабената европска поддршка за Украина и служи на Русија на бојното поле и тоа е вистинската цел на она што беше откриено во последните недели“, рече Де Кро, чија земја претседава со Европската Унија.

Видете и ова: „Треска“ за функции во Брисел

На 6 и 9 јуни се одржуваат избори во цела Европа за избор на нов состав на европскиот парламент.

Брисел е веќе преполн со гласини пред годинашниот избор за високи позиции во институциите на ЕУ и во НАТО. Четири големи политички работни места ќе бидат преземени во 2024 година: претседателите на Европската Комисија и Европскиот Совет, на чии позиции во моментот се Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел, како и шеф за надворешна политика и безбедност што во последните пет години ја извршуваше Шпанецот Жозеп Борел. Исто така, во друг дел од белгиската престолнина, НАТО бара замена за Јенс Столтенберг, кој од функцијата генерален секретар на Алијансата ќе замине по една деценија.