Коалицијата „Храбро за Македонија“, предводена од ГРОМ, ПЦЕР и ИНТЕГРА го промовираше Стевчо Јакимовски, лидер на ГРОМ, за кандидат за претседател на Северна Македонија на претседателските избори закажани за 24 април.
Јакимовски рече дека претседателот на државата ни случајно нема да биде протоколарна функција зашто, како што кажа, „ќе биде соочен со големи притисоци, со промени на чудни закони и на Уставот и притисок да се откажеме од идентитетските прашања“.
„Граѓаните веќе можеа да ме тестираат дали подлегнувам на уцени и закани. Можеа да видат дека ни Америка ни свети Америка, кога е во прашање Република Македонија, нема да ме натераат ни милиметар да отстапам и дека се што имам да и кажам ќе и кажам зашто чесно си ја вршам својата функција. Нема да дозволам ниту еден граѓанин на Република Македонија да биде малтретиран и ќе сторам се да ги заштитиме граѓаните од надворешните влијанија и непринципиелните напади и разни црни листи“, рече Јакимовски.
САД го ставија Јакимовски на црна листа затоа што „бил вклучен во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да имаат корист за себе и за неговите соработници“, соопшти Стејт департментот.
Јакимовски најави дека неговата кампања ќе оди во две насоки – реформа на Судскиот совет и Уставниот суд, како и развој на наменското производство.
Тој рече дека мора во Судскиот совет и Уставниот суд да има истакнати судии и адвокати, како и универзитетски професори, а не стручни соработници.
Видете и ова: Јакимовски за црната листа: Изненаден сум, ова е нечесна работаВо надворешната политика, Јакимовски рече дека ќе се залага „да ги јакнеме нашите позиции во НАТО структурите и да ги исполнуваме условите за влез во Европската Унија, но со јасно инсистирање за поголем респект кон нашата држава и јасно ставање до знаење на ЕУ и стратешкиот партнер дека за идентитетот и јазикот нема со никого да преговараме, а за влезот во ЕУ не сме подготвени да чекаме бесконечно“.
Кампањата за претседателските избори почнува на 4 април на полноќ, а ќе заврши на 22 април.
Кандидатури до Државната изборна комисија доставија седум кандидати за претседател на Северна Македонија.
Согласно редоследот на претседателските кандидати на гласачкото ливче за претседателски избори, под број еден е кандидатот на СДСМ – Стево Пендаровски. Број два е кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, број три е кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски. Под број четири е кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, под број пет е Билјана Ванковска-Цветковска, кандидат на Левица. Под број шест е Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и под број седум е кандидатот на ЗНАМ – Максим Димитриевски.