Косово направи чекор напред кон членство во Советот на Европа

Зградата на Советот на Европа во Стразбур, Франција, 14 март 2022 година.

Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа го одобри извештајот на известувачот за Косово, Дора Бакојани, во кој се наведува дека Косово ги исполнило условите да стане полноправна членка на Советот на Европа, потврди заменик министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Крешник Ахмети.

Тој рече дека овој извештај препорачува прием на Косово во Советот на Европа „без никакви дополнителни услови“.

“Ниту една од обврските што треба да ги преземе Косово не треба да се исполни пред членството“, напиша Ахмети на социјалната мрежа Фејсбук.

Според неговите изјави, сите предлози за поставување нови предуслови „биле отфрлени од мнозинството членови на Комитетот, што покажува дека Косово треба да стане членка во мај оваа година и дека новите предуслови би биле неправедни“.

Српскиот министер за надворешни работи во технички мандат, Ивица Дачиќ, на 27 март рече дека одлуката на Политичкиот комитет на Парламентарното собрание на Советот на Европа за препораката за прием на Косово во членството на Советот на Европа е „ срамно и скандалозно“.

Според Дачиќ, оваа одлука „ги уништува сите принципи на кои почива Советот на Европа“, објавено е на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Србија. Тој додаде дека е првпат да се предложи прием на територија која не е членка на Обединетите нации и не е меѓународно призната.

Видете и ова: Ховениер: Очекуваме Владата на Косово да работи во партнерство со нас


На социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) се огласи и претседателката на Косово, Вјоса Османи, која напиша дека ќе продолжи соработката со сојузниците за да се обезбеди полноправно членство во Советот на Европа.

Османи претходно изјави дека формирањето на Заедница на општини со српско мнозинство не е услов за членство на Косово во оваа меѓународна организација.

Заедницата на општините со српско мнозинство е договорена во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите и таа треба да обезбеди поголеми права на Србите на Косово.

Видете и ова: Ескобар за РСЕ – Курти го одби предлогот за динарите


Американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за Радио Слободна Европа на 15 март изјави дека Заедницата на општините со мнозинско српско население и прашањето за експропријација на северот на Косово може да бидат поставени како дополнителни услови од страна на некои членови на Советот на Европа.

Во меѓувреме, претставникот на Собранието на Косово од Алијансата за иднината на Косово, Бесник Тахири, кој присуствуваше на состанокот, рече дека извештајот е изгласан со 31 глас „за“, четири „против“ и еден „воздржан“.

Тој на социјалната мрежа Х напиша и дека имало несогласувања за време на средбата.

„Пратениците беа поделени во Комитетот. Од една страна Србија се спротивстави, а од друга речиси имаше консензус за поддршка на членството на Косово“, напиша Тахири.

Советот на Европа е водечка организација во Европа во областа на човековите права. Косово аплицираше за членство во оваа меѓународна организација во мај 2022 година.

Во Советот на Европа има 46 земји, вклучувајќи 27 членки на Европската Унија и сите земји од регионот.