Владата одреди нов рок за изградба на автопатот Кичево-Охрид, цената останува 598 милиони евра

Градежни активности на автопатот Кичево-Охрид

Новиот анекс на Договорот со кинески „Синохидро“ за изградба на автопатот Кичево-Охрид се однесува само на продолжување на временскиот рок за изградба кој сега се предлага да биде до крајот на 2026 година, а финансиските средства за изградба остануваат непроменети и се 598 милиони евра, изјавија за МИА од Министерството за транспорт и врски, откако Владата на 26 март усвои Информација на продолжување на рокот за изградба и законот го препрати на усвојување во Собранието.

Владата предлага рокот за завршување на автопатот да се продолжи до крајот на 2026 година, откако беше пробиен крајниот рок со досегашните анекси, атоа беше 31.12.2023. Не се предвидени дополнителни пари за изградба, цената останува 598 милиони евра.

Согласно новиот анекс, изведувачот се обврзува да ги изгради и да ги пушти во сообраќај до 31 ноември 2026 година подделниците 1 и 2, до 31 август 2025 година делница 2.2 и делница 3, а до 30 септември 2026 година да ги пушти во сообраќај и делниците 4 и 5.

„Продолжувањето на рокот е неопходно поради појавата на новите 13 свлечишта што се појавија на трасата, а како резултат на несоодветното проектирање и прераното започнување на изградба без да се земат предвид реалните состојби на теренот што требало да се третираат во првичната проектна документација“, објаснуваат од Министерството за транспорт и врски.

Собранието утре треба да ја одржи последната седница пред да се распушти заради претседателските и параламентарните избори закажани за 24 април и 8 мај.

Видете и ова: Изградбата на автопатот Кичево - Охрид е лош проект, но враќање назад нема

Анексот на Договорот за автопатот Кичево-Охрид, што почна да се гради во февруари 2014 година, ќе биде шести по ред. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколкуте анекси на договорот и продолжувања на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра.

На крајот на минатата година ресорното Министерство ангажираше експерт за Фидик-договори задолжен да направи анализа на Договорот за изградба на автопатската делница. Ангажираното вешто лице доставило извештај до Владата во која се посочуваат три опции – да се продолжи договорот со изведувачот „Синохидро“, продолжување на договорот со пенали и како трета опција целосно раскинување на договорот.

Видете и ова: Бочварски - Недозволиво е по 10 години градење на автопатот Кичево - Охрид да има свлечишта

Автопатот со кој требаше да се поврзат Кичево и најголемиот туристички центар Охрид, во западниот дел на земјата, пред десет години беше најавен како најголема инфраструктурна инвестиција во изминатиот половина век, која ќе придонесе за побрз економски и туристички развој.

Собранието во октомври 2013 донесе посебен закон за овој проект и за изградба на автопатот Скопје – Свети Николе – Штип. Неколку месеци подоцна, во февруари 2014, тогашниот премиер Никола Груевски, кој ја предводеше владата на ВМРО-ДПМНЕ, фрли „прва лопата“ за старт на изградбата на автопат од Кичево до Охрид во должина од 57 километри. Изградбата требаше да чини 375 милиони евра.

Десет години подоцна, автопатот не е пуштен во употреба, иако според првичниот договор по него веќе требаше да се вози уште пред пет години. Автопатот уште непуштен во употреба, а се појавија „дупки“ во планот, во изведбата, се појавија грешни траси, свлечишта, а цената речиси се дуплираше.