ЕК ќе набави 12 авиони за гаснење пожари

Пожарникарите гаснат пожар во централна Грција, 26 јули 2023 година.

Од Фондовите на Европската унија ќе бидат искористени 600 милиони евра за да се купат 12 нови авиони за гаснење пожари, соопшти Европската комисијата. Со новите авиони треба да се зголеми капацитетот на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ за справување со огнени стихии, соопшти денеска портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и управување со кризи Балаж Ујвари.

„Авионите ќе бидат стационирани во шест земји членки - Хрватска, Франција, Италија, Грција, Португалија и Шпанија, изјави Ујвари, додавајќи дека авионите ќе бидат испорачани до 2027 година.

Авионите ќе се користат за гаснење пожари низ Европската Унија и 10 земји од соседството, вклучително и Северна Македонија.

Ујвари соопшти дека комесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич денеска во Загреб присуствувал на церемонијата на потпишување на договорот меѓу Владата на Хрватска и канадска корпорација за купување на специјализирани авиони за гаснење пожари. Неодамна сличен договор за набавка на авиони за гаснење пожар потпиша и Владата на Грција.
Авионите ќе бидат 100 отсто платени од Европската комисија.

Видете и ова: Грчките власти испраќаат засилување во областите погодени од пожарите

Европската комисија пред пет години го надгради Механизмот за цивилна заштита на ЕУ со вклучување флота од противпожарни авиони и хеликоптери.

Механизмот има за цел да и обезбеди на ЕУ координиран пристап за спречување, реагирање и справување со шумски пожари, доколку нивниот обем ги надминуваат националните капацитети за одговор. Во Механизмот, покрај 27-те земји членки на ЕУ се вклучени и Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Молдавија, Норвешка, Србија, Турција, Црна Гора и Украина.