Блинкен има кредибилни информации за корупцијата на Јакимовски, јавува Гласот на Америка

Илустрација

Два дена откако Соединетите Американски Држави го ставија актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски на црната листа, Гласот на Америка (ВОА) јавува дека и во изјава за медиумот уште еднаш е потврдено дека Јакимовски ја злоупотребил својата јавна функција со мешање во јавните процеси.

Како што пишува ВОА, се однесуваат, меѓу другото, на јавни набавки и урбанистичко планирање, за лична корист и во корист на неговите соработници. Изјавите се на барање на Гласот на Америка на македонски од прес-службата на Стејт департментот, за коментар на изјавата на Јакимовски дека одлуката на САД да го стават на црна листа е „мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на државата“.

„ Делот 7031(c) предвидува дека функционерите на странски влади за кои државниот секретар има кредибилни информации за директна или индиректна вмешаност во значителна корупција или грубо кршење на човековите права, не се подобни за влез во САД“, изјавија од Стејт департментот.

Видете и ова: Јакимовски за црната листа: Изненаден сум, ова е нечесна работа

САД освен Јакимовски, на црната листа ја ставија и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, заедно со членови на нивните потесни семејства, за вклученост во коруптивни дела, поткопување на владеење на правото и довербата на јавноста во демократските институции. Забранет им е влез во САД.

Јакимовски пак денеска поднесе кривична пријава против непознато лице до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Изјави дека бара да се спроведе истрага и дека е подготвен да одговара дури и пред истражните органи на САД, но рече дека има граѓани за кои смета дека се одговорни, како што вели, за целата подготовка на оваа операција и ја поврзува со нивно директно вмешување во изборната трка за претседател. Кои се тие луѓе не посочи.

Јакимовски во исто време е и кандидат за претседате на Северна Македонија на претстојните избори.

Јанева, пак, отслужува затворска казна од седум години за случајот „Рекет“ од јули 2021.

Видете и ова: Претседателски избори: Во трката за нова, не се „испушта“ старата функција?

САД најавија дека ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки за борба против корупцијата и промовирање на почитувањето на човековите права во Северна Македонија и Западен Балкан како целина.

„Јавните ознаки под овластувањата како што е Делот 7031(c) промовираат одговорност за владините функционери кои се впуштаат во корупција или вршат груби прекршувања на човековите права, ја спречуваат идната злоупотреба и се борат против неказнивоста“, изјави Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски.

Поради вмешаност во значителна корупција, САД во текот на изминативе две години, ги санкционираа поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, градоначалникот на Струга Рамис Мерко, Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсонеко и фирми, Орце Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.