Вдовицата на Навални порача светот да не го признава Путин за „легитимен“ лидер

Јулија Навалнаја

Вдовицата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални ја повика меѓународната заедница да не го признава претседателот Владимир Путин како „легитимен“ лидер на земјата по изборите за кои рече дека „немаат смисла“.

Во видеото објавено на социјалните мрежи, Јулија Навалнаја ги повика своите поддржувачи „да не се откажуваат“ од спротивставувањето на Путин.

„Резултатот од овие избори нема никакво значење. Путин сака да му покаже на светот дека очигледно има огромна поддршка“, рече Навалнаја.

„Овие избори завршија, но ништо не е готово. Напротив, треба да собереме сили и да работиме понапорно од кога било“, додаде таа.

Путин го освои петтиот претседателски мандат со убедлива победа на строго контролираните избори кои Западот ги осуди како ниту слободни, ниту фер. Изборите се одржаа од 15 до 17 март, а според податоците на Централната изборна комисија тој освоил повеќе од 87 отсто од гласовите.

Во видеото, Навалнаја ги пофали Русите кои учествуваа на протестот „Пладне против Путин“ на 17 март. Протести беа организирани од соработниците на Навални низ Русија и во други земји, а самиот Алексеј Навални повика на протести пред неговата смрт.

Видете и ова: Путин продолжува да владее со уверлива победа на строго контролираните избори



„Вие сте победници на настанот што Кремљ го нарекува гласање. Имаше толку многу од вас, храбри, слободни и чесни луѓе низ цела Русија кои дојдоа на гласачките места во „Пладне против Путин“. Благодарен сум на секој еден од вас“, рече Навалнаја.

Таа додаде дека Путин сака да му покаже на светот дека има „огромна поддршка“.

„Но, вие што дојдовте на гласачките места во 12 часот сте поубедливи од какви било лажни проценти“, додаде вдовицата на опозицискиот руски политичар.

Видете и ова: Трет ден од руските претседателски избори со протести „Пладне против Путин“


Навалнаја, која живее надвор од Русија, вети дека ќе ја продолжи борбата на нејзиниот сопруг за „прекрасна Русија на иднината“.

Алексеј Навални почина на 16 февруари во затвор на Арктикот под неразјаснети околности. Неговата сопруга и соработниците, заедно со некои западни влади, го обвинија Путин за неговата смрт.