„Дали сум изненаден? Да. Апсолутно сум изненаден“. Ова беа меѓу првите зборови во реакцијата на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, откако американскиот Стејт департмент на 18 март објави дека го става него и неговото семејството на црната листа.
Покрај Јакимовски, листата санкционирани се прошири и со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиното потесно семејство.
„Како може да не бидам изненаден кога на 4 јули бев поканет од американската амбасада и стриктно ми беше кажано дека листата е максимално редуцирана и се одеше строго по листа за да не бидат присутни некои што тие не сакаат – криминалци или несакани лица, да присуствуваат на денот на американската државност, 4 јули“, рече Јакимовски на вонредна прес-конференција вечерва.
Видете и ова: САД ги ставија Катица Јанева и Стевчо Јакимовски на црната листаТој е лидер на партијата Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), а денеска и официјално ја поднесе кандидатурата за претседател на државата откако изминатиот период успеа да ги собере потребните 10.000 потписи.
Неговата реакција за црната листа во најголем дел се однесуваше на тоа дека ова се случува поради неговата кандидатура бидејќи, како што тврди, ја има поддршката од гласачите за да се пласира во вториот круг од изборите. Ставањето под санкции, тој го нарече „нечесна работа“.
„Како поинаку да го сфатиме овој акт на насилие освен директно мешање во изборниот процес во Република Македонија којшто е казниво, кривично дело и мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на Република Македонија. Јавно кажувам дека ќе поднесам кривична пријава против непознат сторител, мора да се утврди кој од овде, од нашиве македонски гавази ја направи оваа нечесна работа“, вели Јакимовски, кој на прес-конференцијата се спореди и со поранешниот американски претседател и извесен кандидат на републиканците за годинешните избори Доналд Трамп.
Градоначалникот на Карпош, заедно со Јанева, се најде на црната листа бидејќи, како што соопштија од Стејт департментот, нивните постапки го поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси.
„Во неговото службено својство како градоначалник на општина Карпош, Северна Македонија, Јакимовски беше вклучен во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да имаат корист за себе и за неговите соработници“, наведоа од Стејт департментот за Јакимовски за кого се водеа кривични постапки за злоупотреба на службената положба и бесправно градење.
Нема пречка за претседателската кандидатура на Јакимовски
По проширувањето на американската црна листа, попладнето на 18 март во изјава за државната агенција МИА се огласија и од Државната изборна комисија (ДИК) во однос на кандидатурата на Јакимовски за шеф на државата. Оттаму посочија дека кандидат може да биде лице кое ги исполнува условите за претседател утврдени со Уставот, кој пак предвидува само дека треба да биде државјанин на Република Северна Македонија, да има најмалку 40 години и да бил жител на државата најмалку десет години во последните 15 години.
„Само овие услови ги предвидува Уставот за претседател на државата. Други услови не се предвидени ниту со Изборниот законик и тој упатува на Уставот“, посочија од ДИК.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни прозивки
Веста од Вашингтон, предизвика реакции и меѓу политичките партии, па двете најголеми – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, излегоа со меѓусебни прозивки.
Социјалдемократите побараа во Собранието да се донесат измените на Законот за рестриктивни мерки со кои ќе се санкционираат македонските државјани и фирми кои ќе се најдат на американската и на британската црна листа.
„Законот е доставен до Собранието од страна на Владата. СДСМ го повикува пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика веднаш да го стави на дневен ред, Мицкоски и ДПМНЕ да го поддржат и законот да биде усвоен. Треба веднаш да се создаде можност сите вакви случаи наведени од нашите стратешки партнери да може да се процесираат преку домашното законодавство“, реагираа од СДСМ.
Видете и ова: Се чекаа санкции, се роди предлог закон за црните листиКлучно со овие измени, на кои инсистира владејачката партија, е што институцијата што ќе ѝ предложи на Владата воведување санкции откако некој ќе се најде на американската или британската црна листа, ќе има обврска сите докази да ги достави и до Јавното обвинителство, а тоа, пак, ќе мора да започне кривична постапка.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ставањето на Јанева и Јакимовски на црната листа го нарече „удар за СДСМ“. Ставањето на овие две лица со нивните семејства под американски санкции, според партијата, е доказ дека „корупцијата во земјава цвета“.
„СДС даваше најголема поддршка на СЈО и Јанева, злоупотребувајќи го судството и обвинителството за пресметка со неистомисленици. Каде им се сега маичките со ликот на Јанева на функционерите од СДС денеска кога истата беше прогласена за непожелна личност на САД? Воедно, и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски кој излезе од коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а направи неформална коалиција со СДС и Ковачевски, од денеска се наоѓа на црната листа на САД. На СДС и Ковачевски устите им се полни со прозападни вредности, со проевропски фронт, а всушност се во коалиција со луѓе криминализирани до гуша“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Откако на 18 март Стејт департментот објави дека Јакимовски и Јанева се ставени на црната листа, прва со порака се јави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер која порача дека ова не треба „никого да изненади“.
„САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што се вклучени во значителна корупција. Народот на Северна Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции за да се запре бранот на криминално однесување и да се запре ракот на корупцијата“, вели Агелер.
Видете и ова: Што се случува со оние на црната американска листа?Јакимовски и Јанева се само последните актуелни или поранешни функционери што се најдоа под американски санкции.
Меѓу последните кои од почетокот на декември 2023 е на црната листа е бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев.
На американската црна листа претходно се најдоа и поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков, неговиот братучед и поранешен премиер Никола Груевски, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев и рускиот бизнисмен Сегреј Самсоненко и неговата сопруга, кои имаат бизниси во земјава.