Грковска за службените возила за партиски цели: Ќе постапиме кога ќе имаме докази

Славица Грковска, вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење

Кога има докази дека е прекршен Етичкиот кодекс е постапено, а досега не е добиен доказ, одговори вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска на новинарско прашање дали ќе поведат постапка по допрен глас за политичарите кои со службени возила се потпишувале за претседателските кандидати.

„Досега не сме добиле фактичка состојба да видиме со аргумент дека е тоа така. Знаете дека и досега секогаш кога сме имале аргументи и доказ којшто укажува на тоа дека е прекршен Етичкиот кодекс сме постапиле, без разлика на тоа за кого станува збор. Така ќе биде и во овој случај. И токму како предупредување испративме пред извесно време отворено писмо до јавноста, до сите политички субјекти, без разлика на тоа на кое ниво на власт се, дека треба да водат сметка за јасно разграничување на партиските и државните активности и да нема злоупотреба на државни ресурси и капацитети за време на политичка кампања“, изјави Грковска пред трибината за улогата на младите во зајакнувањето на демократската култура.

Видете и ова: Џафери: Набавување возила на лизинг е пракса, трошоците се помали

На прашањето дали е недомаќинско работење распишаниот оглас на Владата за изнајмување 45 возила на лизинг, вицепремиерката одговори дека според заклучокот на Антикорупциската комисија процедурата е законска, а дека и економските експерти сметаат дека „тоа е најдобриот и најефикасниот начин“.

„Од претходната ДКСК имаше прилично реакции, меѓутоа откако го добивме целиот предмет кај нас, заклучокот на тогашната ДКСК беше дека целата процедура е согласно закон и тоа нас едноставно не не става во ситуација да можеме да покренеме каква било процедура натаму. Колегите од економскиот тим, коишто се експерти и имаат повеќе познавања од економијата, уверуваат дека тоа е најдобриот, најефикасниот начин на којшто би требало да се ангажираат овие возила. Сум се консултирала и со одредени субјекти од стопанските комори и уверуваат во тоа дека е така и во други држави“, рече Грковска.

Неодамна Владата спроведе набавка на 45 возила на лизинг, а техничкиот премиер Талат Џафери, изјави дека тоа носи помалку трошоци од купувањето нови автомобили.

И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи го дели ставот на премиерот, дека лизингот носи помалку трошоци и затоа тврди дека тоа „е најупотребуваниот механизам за службени возила во цел свет“.

За набавката на возила на лизинг која ја прави Службата за општи и заеднички работи при владата, понудите треба да се отворат на 27 март. Се бара возилата да бидат на дизел и од минимум 2000 кубни сантиметри моторна зафатнина.