Претставничкиот дом на Соединетите Држави, под контрола на републиканците усвои закон за финансирање на широк дел од федералната влада во текот на фискалната година што започна во октомври, во услови на закана од уште едно делумно затворање на владата.
Предлог-законот, откако беше одобрен во Претставничкиот дом со 339 гласа „за“, 85 „против“, од кои 83 се републиканци, сега оди во Сенатот. Крајниот рок за усвојување е петок на полноќ кога истекува привременото финансирање на неколку федерални агенции.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, републиканец, мораше да се потпре на поддршката на малцинските демократи за да го усвои главниот закон. Откако стана спикер на 25 октомври, Џонсон се мачи да владее поради тенкото мнозинство од 219 републиканци наспроти 213 демократи.
Неговата работа беше уште потешка од група тврдокорни конзервативци кои се спротивставија на републиканското раководство со низа нацрт-закони, вклучително и некои за финансирање на редовните владини операции, како и итна помош за Украина во нејзината војна против Русија.
Видете и ова: Конгресот усвои мерка за привремено финансирање на владата на САДЧленовите на екстремно десничарската Пратеничка група за слобода во Претставничкиот дом побараа од колегите републиканци да се спротивстават на законот, велејќи дека тој ќе ги „поништи“ ограничувањата за трошење донесени минатиот јуни и „ќе влијае на речиси секој приоритет на републиканската политика“.
Таа група сака многу поголеми намалувања на трошоците - бидејќи националниот долг се приближува до 34,5 билиони долари, што веројатно нема да помине во Сенатот или да го добие потписот на претседателот Џо Бајден.
Усвоениот пакет од 460 милијарди долари ќе обезбеди пари до крајот на годината за министерствата за земјоделство, правда, транспорт и домување и урбан развој. Тоа се однесува и на градежни проекти во воени бази и грижа за ветераните.
Пратениците, исто така, преговараат за вториот пакет од шест нацрт-закони, вклучително и за одбраната, во обид да обезбедат финансирање за сите федерални агенции пред крајниот рок на 22 март.