Шефот на руската служба за надворешно разузнавање (СВР) Сергеј Наришкин изјави дека опозицискиот лидер Алексеј Навални починал од природна смрт, изјава што се чини дека е обид да се одврати меѓународниот гнев поради смртта на најжестокиот непријател на претседателот Владимир Путин.
Наришкин ова го изјави во интервју што го пренесе руската државна телевизија и притоа не наведе причина за смртта.
„Порано или подоцна, животот завршува и луѓето умираат. Навални почина од природна смрт“, рече Наришкин.
Многу западни лидери рекоа дека Путин е одговорен за смртта на Навални на 16 февруари во затворот кадешто ја отслужуваше својата казна. Кремљ ги отфрла обвинувањата.
Четириесет и седумгодишниот Навални, кој почина под мистериозни околности, беше погребан на 1 март на гробишта во Москва. Најмалку 120 лица се уапсени во Русија поради учество на собири во чест на неговиот спомен.
Видете и ова: Навални погребан во Москва - илјадници луѓе се збогуваа со критичарот на КремљПовеќе од 40 земји повикаа на независна меѓународна истрага за неговата смрт, велејќи дека рускиот претседател ја носи крајната одговорност.
Членките на Европската Унија, САД, Велика Британија, Украина, Австралија, Канада, Нов Зеланд и Норвешка се меѓу земјите кои изразија бес поради смртта на Навални во Советот за човекови права на Обединетите Нации.
Земјите рекоа дека се длабоко загрижени поради „систематското задушување на граѓанското општество“ и репресијата на политичката опозиција во Русија и во странство. Тие ја повикаа Русија веднаш и безусловно да ги ослободи сите политички затвореници, бранители на човекови права, новинари и антивоени активисти приведени поради мирно остварување на нивните човекови права и противење на руската војна во Украина.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Навални почина по долгогодишно заробеништво во кое помина повеќе од 300 дена во самица, нему му беше одбиена медицинска помош, се пожали дека е подложен на лишување од сон и многу повеќе. Руските судови отфрлија повеќе од 40 жалби што тој ги поднел за наводна злоупотреба.
Еден ден пред погребот, Европскиот Парламент усвои резолуција со која се обвинува руската држава и претседателот Владимир Путин за смртта на Навални.
Во моментот на неговата смрт, овој истакнат критичар на Кремљ отслужуваше 19-годишна затворска казна под обвинение за екстремизам што тој, неговите поддржувачи, западните функционери и други ги нарекоа политички мотивирани. Поддржувачите на Навални веруваат дека тој е убиен, а неговата вдовица Јулија вети дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг.