Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, денеска изјави дека ДИК предлага во Изборниот законик да се внесе преодна одредба со која ќе се овозможи на овие избори да се гласа и со старите важечки документи.
„Како ДИК до Собранието дадовме еден предлог – во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието“, истакна Даштевски.
Што се однесува до лицата кои навршуваат 18 години, Даштевски рече дека тие ќе можат да се пријават за да бидат внесени во Избирачкиот список.
Видете и ова: Игри без правила - дел инкогнито портали до државни пари за изборите„За полнолетните е изнајдено решение и точно се знае според закон до кога ќе можат да се запишуваат. Тоа што е во законот, тоа е“, додаде Даштевски.
Инаку, со денешната свечена изјава на Абдуш Демири се комплетира седумчлениот состав на Државната изборна комисија, откако повеќе месеци беше испразнето едно место по заминувањето на Кренар Лога кој стана министер за правда. Новиот член на ДИК беше предлог на албанската опозициска коалиција.
Инаку, за потсетување, оваа пролет во Северна Македонија ќе се одржат двојни избори, со тоа што претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај, кога треба да се одржат и парламентарните избори.