Вучиќ за нови избори во Белград, ја повика Владата да ги спроведе препораките на ОДИХР

Александар Вучиќ, претседател на Србија (Илустративна фотографија)

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 2 март изјави дека побарал од изборната листа околу Српската напредна партија (СНС) да оди на нови избори во Белград.

„Знам дека го имате мнозинството, но подобро е да загубите отколку да се повтори ситуацијата од 2008 година, кога Демократската партија и социјалистите извршија изборна кражба“, рече Вучиќ на прес-конференција во Претседателството на Србија.

Тој ја повика Владата веднаш да започне со спроведување на препораките дадени од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) во извештајот за декемвриските избори во Србија.

ОДИХР на 28 февруари го објави конечниот извештај за изборите во Србија, кои се одржаа на 17 декември минатата година.

Во него се наведува дека на вонредните парламентарни избори во Србија „доминирало одлучното учество на претседателот, кое заедно со системските предности на владејачката партија создало нефер услови за учесниците“.

Меѓу другото, се наведува и дека „во кампањата генерално биле почитувани основните слободи, но таа била поткопана со остра реторика, пристрасност во медиумите, притисок врз вработените во јавниот сектор и злоупотреба на јавните ресурси“.

Видете и ова: Брнабиќ: Извештајот на ОБСЕ става крај на наводите за изборна кражба

Покрај ОДИХР, на нерегуларности во изборниот процес укажаа и странски и домашни набљудувачи.

Во меѓувреме, Европскиот парламент усвои Резолуција со која бара меѓународна истрага за наводни нерегуларности за време на изборите, како и суспендирање на европските фондови, доколку се докаже дека властите биле директно вмешани во изборна измама.

Во Резолуцијата, ЕП повика на независна истрага со посебен осврт на изборите за градското собрание на Белград и наводите за организирана миграција на гласачите на локално ниво.

Видете и ова: Фридом Хаус: Војните и изборните манипулации ги поткопуваат слободите ширум светот

Во Србија на 17 декември се одржаа избори на парламентарно и покраинско ниво и во 65 градови и општини во Србија, вклучително и Белград.

Конститутивната седница на градското собрание на Белград, која требаше да се одржи на 1 март, по втор пат е одложена за 3 март, бидејќи немаше кворум за нејзино одржување. Советниците од владејачката Српска напредна партија (СНС) и Социјалистичката партија на Србија (СПС) не присуствуваа на седницата.