Руското обвинителство побара од судот во Королев, во близина на Москва, да го осуди новинарот на „RusNews“ Роман Иванов на осум години затвор под обвинение за ширење лажни информации за руската армија.
Како што јавува Радио Слободна Европа на руски јазик, причина за покренување на случајот биле неговите објави на социјалните мрежи во кои пишувал за убиствата на цивили во Буча, како и извештаите на ОН за хуманитарната ситуација во Украина, како и изјавата на шефот на руското Министерство за одбрана, Сергеј Шојгу за недостигот на проектили.
Иванов се изјасни за невин, велејќи дека ја работи својата работа како новинар.
„Јас сум новинар, а моја задача е да ги информирам читателите. Токму тоа го правам. Дали тоа го поткопува авторитетот [на војската] или не, зависи од лицето кое ги примило информациите и ги анализирало. Моја основна задача е читателите да имаат информации, да знаат што се случува во светот околу нив и какви одлуки се носат“, рече Иванов.
Видете и ова: Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева, која е во руски затвор, номинирана за награда на УНЕСКОВо февруари 2023 година, судот во Барнаул ја осуди новинарката на „RusNews“, Марија Пономаренко на шест години затвор. Таа беше прогласена за виновна за „ширење лажни вести“ за руската војска.
Многу критичари и групи за човекови права велат дека Кремљ го користи таканаречениот закон за странски агенти за да го потисне различното мислење.
Законот беше потпишан од рускиот претседател Владимир Путин во јули 2022 година и стапи на сила на 1 декември истата година. Со законот се проширува дефиницијата за таканаречени „странски агенти“ за да ги вклучи сите „под странско влијание“, за што противниците на законот велат дека ѝ олеснило на државата да ги нападне домашните критичари.
Законот ја проширува дефиницијата за „политички активности“ за да вклучи нејасна клаузула која ги опфаќа сите активности „спротивни на националните интереси на Руската Федерација“.
Новинарката на Радио Слободна Европа, Алсу Курмашева, која е номинирана за Светската награда за слобода на печатот на УНЕСКО/Гилермо Кано во 2024 година, исто така е во руски затвор од 18 октомври. Таа е обвинета и за дистрибуција на „лажни“ вести за руските вооружени сили, за што ѝ се заканува казна затвор до 10 години.
Видете и ова: Интервјуто на Путин со Карлсон - критики за пропагандна платформаПритворот на Курмашева предизвика бран критики од групите за човекови права и политичарите кои рекоа дека овој потег сигнализира ново ниво на воена цензура.
Руските власти, исто така, го затворија новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович за наводна шпионажа, што тој и американскиот весник силно го негираат.
Москва е обвинета за приведување Американци за да ги користаи како договори за пазарење за Русите затворени во САД.