Вучиќ: На барање на Србија во декларацијата од Тирана нема санкции против Русија

Александар Вучиќ, претседател на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во декларацијата договорена на самитот за Украина во Тирана не се спомнуваат санкции против Русија или малигно руско влијание.

Вучиќ во изјава за новинарите рече дека дискусиите за предлогот за декларацијата траеле „цел ден и ноќ“ и дека на барање на Србија се исфрлени точките за воведување санкции против Русија и малигното влијание на Русија, како и термините „нашите држави“ и „нашите земји“ кои се споменати во неколку точки.

Тој рече дека тоа е направено на барање на Србија, додавајќи дека декларацијата што ја подготвија Европејците и Украинците „не е едноставно“ прашање за Белград.

Вучиќ рече дека барањето на косовската претседателка Вјоса Османија да не се отстранат овие точки не е фер, додавајќи дека тогаш предложил да се вклучат и некои други земји за кои Србија смета дека имаат малигно влијание.

„И покрај желбата вистински да го поддржиме меѓународното јавно право и нашите украински пријатели, не можеме да го прифатиме тоа“, додаде претседателот на Србија.

Видете и ова: Зеленски од Тирана: Русија ќе стори сè да го дестабилизира Балканот

Вучиќ рече дека разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Ќе имаме посебна билатерална и ние како земја која мина низ тешки периоди можеме да се разбереме“, рече тој и додаде дека се надева оти Србија ќе продолжи да гради пријателски односи со Украина.

Србија е единствената земја од Западен Балкан која не воведе санкции кон Русија, по нејзината инвазија на Украина која започна во февруари 2022 година.

Официјален Белград поддржа неколку резолуции на Обединетите нации кои се противат на руската инвазија.