Јужна Кореја тврди дека Северна Кореја испратила 6700 контејнери со муниција во Русија

Лидерите на Русија и Северна Кореја, Владимир Путин и Ким Јонг Ил, 13 септември 2023 година

Северна Кореја испратила околу 6 700 контејнери со милиони муниција во Русија од јули за да ја поддржи нејзината војна против Украина, објавија во вторник (26 февруари) јужнокорејските медиуми, цитирајќи го министерот за одбрана.

На брифинг за локалните медиуми во понеделникот, министерот за одбрана Шин Вон Сик соопштил дека контејнерите може да содржат повеќе од три милиони артилериски гранати од 152 мм или 500 000 од 122 мм.

„Можеби е мешавина од двете и може да се каже дека се испратени најмалку неколку милиони гранати“, рече Шин, според новинската агенција Јонхап.

Стотици севернокорејски фабрики за муниција работат со околу 30 отсто од капацитетот поради недостаток на суровини и електрична енергија, но оние што произведуваат артилериски гранати за Русија работат со „полн замав“, додаде тој, без да го прецизира изворот на информацијата.

Видете и ова: Северна Кореја најави посета на Путин „во блиска иднина“

Сеул и Вашингтон ги обвинија Пјонгјанг и Москва за трговија со оружје и ја осудија Северна Кореја за снабдување на Русија со оружје за нејзината војна против Украина. Двете земји го негираа ова, иако ветија дека ќе ја зајакнат воената соработка.

Американскиот Стејт департмент во извештајот објавен во петокот рече дека Северна Кореја испорачала повеќе од 10 000 контејнери со муниција или сличен материјал во Русија од септември. За возврат, Северна Кореја доби околу 9000 контејнери со претежно резерви на храна, за кои Шин рече дека помогнале да се стабилизираат цените.

Шин рече дека Северна Кореја би можела да лансира уште еден сателит веќе следниот месец, бидејќи Москва продолжува да обезбедува техничка помош, а Пјонгјанг, исто така, побара помош со технологија на авиони и опрема за копнена мобилност, објави Јонхап.