Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) најостро ја осудува изјавата на претседателот на политичката партија СДСМ, Димитар Ковачевски со која обвини медиуми дека „дека самите се продале и уште сега се продаваат“ и се ставаат во функција на една политичка партија, соопштија денеска од АВМУ.
И Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост поради изјавите на Ковачевски, кои како што наведуваат, создаваат непотребни тензии кон новинарите, особено во предизборен период.
„Негативниот и агресивен политички говор кон новинарите ги зголемува ризиците од напади кон новинари, а воедно и го нарушува правото на граѓаните да бидат правилно информирани“, велат од ЗНМ.
Според ЗНМ, на партиска трибина одржана на 19 февруари Ковачевски се служел со непристоен говор кон новинари, притоа ставајќи ги сите медиумски професионалци во ист кош, и меѓу другото кажа: „Е тоа ви е кога медиумите ќе се стават во функција на една политичка партија. И после ќе се освестат, и касно е… И кај ќе трчаат? Во СДСМ. Зошто? За да им ја врати демократијата. А тие самите се продале“.
Видете и ова: Политичката некултура репер за квалитетот на парламентарниот составКовачевски денеска (21 февруари) се извини.
„Јас ги прифаќам сите реакции и од ЗНМ и од другите институции и на самиот настан кажав дека сум веднаш подготвен да се извинам, се извинив и на самиот настан, еве извинување и денеска. Имав долг разговор со претседателот на ЗНМ во неколку наврати, бидејќи тој е најдобриот сведок што се случуваше до 2016 година. Јас кажав дека до 2016 тоа се случувало и не би сакал да видиме време кога повторно тоа ќе се случува. Ако ја погледнете целата изјава тогаш е многу јасно што имам кажано“, рече Ковачевски.
Од АВМУ меѓудругото, укажуваат дека политичарите треба да бидат свесни за одговорноста што ја имаат и наместо да се служат со непримерна комуникација треба да покажат највисоко ниво на почитување на новинарската професија и на еден од клучните столбови на демократијата – медиумите.
„Етикетирање на медиуми, особено во чувствителни периоди како предизборните, негативно се одразува на слободата на изразување и го нарушува достоинството на медиумските работници“, се подвлекува во соопштението од АВМУ.
Агенцијата во соопштението потсетува дека е неопходно да се почитуваат стандардите и ги повикува политичарите да се воздржат од употреба на јазик со кој се дискредитираат медиумите.