Британски извештај: Русија ги обновува капацитетите за дестабилизација на Европа, вклучувајќи го и Балканот

Руски војник (Фотоархива)

Русија го обновува својот капацитет да ги дестабилизира европските земји и да го прошири своето влијание на Блискиот Исток и Африка, што претставува стратешка закана за НАТО додека нејзините членки се фокусираат на војната во Украина, соопшти на 20 февруари тинк-тенк со седиште во Велика Британија.

Во сеопфатен извештај, истражувачите од институтот „Royal United Services“ тврдат дека западните земји мораат да направат повеќе за да се спротивстават на руската неконвенционална војна, ако сакаат да ја спречат руската инвазија на Украина.

„Како што војната во Украина се одолговлекува, во интерес на Русија е да создаде дополнителни кризи“, напишаа авторите Џек Ватлинг, Олександр В. Даниљук и Ник Рејнолдс, наведувајќи го Балканот како регион зрел за такво нешто.

„Русија, исто така, има активен интерес за дестабилизација на партнерите на Украина, а со серија претстојни избори ширум Европа, постои широк опсег на можности за влошување на поларизацијата“, велат авторите.

Извештајот од 35 страници на овој тинк-тенк, основан во 1831 година, беше објавен само неколку дена пред втората годишнина од руската инвазија на Украина.

Додека руските напори за дестабилизација на земји како Молдавија пропаднаа поради безбедносни пропусти и масовни протерувања на оперативци на Кремљ, руската војска сега ја зајакнува својата способност за неконвенционални напади, се вели во извештајот.

Видете и ова: Германскиот министер за одбрана: Сакаме да ја спречиме Русија да ја прошири кризата во БиХ

Користејќи документи добиени од руските разузнавачки служби и интервјуа со официјални лица во Украина и некои европски земји, извештајот ги објаснува напорите на Русија да го прошири своето влијание надвор од сегашниот конфликт во Украина.

„Заканата се протега надвор од Украина и со активна соработка со земјите кои се мета“, се вели во извештајот, повикувајќи на „постојана будност“ за голем број прашања.

Во извештајот се споменува и дека влијанието се врши и преку разни добротворни здруженија, а меѓу нив е и фондацијата „Ахмат Кадиров“ која се обидува да го популаризира Кадиров како религиозна личност.

За таа фондација слично пишуваше и Европскиот исламски форум.

„Организацијата е особено активна на Балканот, каде што има воспоставено врски со авторитетни муслимански претставници (не само религиозни, туку и политички фигури) во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Косово, Северна Македонија, Хрватска, Грција и Романија“, се додава во извештајот.

Во јули 2021 година, делегација на Европскиот муслимански форум (ЕМФ) предводена од претседателот Абдул-Вахед Нијазов ги посети Исламската заедница на Косово и Факултетот за исламски науки.

Делегацијата на Европскиот муслимански форум на средбата ја пречека муфтијата Наим Трнава, претседателот на Исламската заедница на Косово, со своите соработници, но долго време не се размислуваше за тоа пто претсавува овој форум и кој е всушност лидерот Абдул- Вахед Нијазов.

Видете и ова: Руско влијание во регионот има, но нема капацитет за дестабилизација

Европскиот муслимански форум е организација со седиште во Брисел, а е основана во октомври 2018 година.

Некои од целите на овој форум, кои се наведени на неговата веб-страница, се: Интеграција на муслиманските мигранти во европското општество, помош за изградба и развој на џамии и исламски културни центри во европските земји, организирање активности насочени кон популаризација на исламската култура, европското наследство, онлајн развојни едукативни проекти за да допрат до поширока публика на млади муслимани, развој на халал индустријата во европските земји и така натаму.

Лидерот на форумот Нијазов, исто така раководи со Исламскиот културен центар во Москва, оддел на официјалниот совет на рускиот муфтија и исто така тело поврзано со Кремљ.

Во Руската Федерација, Нијазов важи за близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, кој беше пратеник во партијата на Путин во руската Дума од 1999 до 2003 година.