Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева, која е во руски затвор, номинирана за награда на УНЕСКО

Новинарката на Радио Слободна Европа (РСЕ) Алсу Курмашева,

Новинарката на Радио Слободна Европа (РСЕ) Алсу Курмашева, која е притворена во руски затвор е номинирана за светската награда на УНЕСКО/Гиљермо Кано за слобода на медиуми за 2024.

Веста ја соопшти чешкото Министерство за надворешни работи на 16 февруари, кое објави дека и 22 други земји ја номинирале Алсу Курмашева, која е притворена од безбедносните службеници во Русија повеќе од 120 дена.

Годишната награда, која беше востановена во 1997 година, оддава почит на личност или група луѓе за „извонреден“ придонес во одбраната и промоцијата на слободата на медиумите во светот и покрај „опасноста и прогонот“ со кој се соочуваат.

Курмашева, е новинарка на Радио Слободна Европа во Прага, која има американско и руско државјанство. Таа е во руски притвор од 18 октомври под обвинение за кршење на таканаречениот закон за „странски агенти“.

И покрај тоа што помина околу четири месеци во притвор, американскиот Стејт департмент допрва треба да ја прогласи за неправедно притворена како што тоа го направи со другите американски државјани притворени во Русија.

Видете и ова: Продолжен притворот на новинарката на РСЕ Алсу Курмашева до 5 април


Двајца други американски државјани кои се притворени во Русија, новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович и поранешниот американски маринец Пол Вилан, се означени како незаконски приведени.

Курмашева, која речиси 25 години известува за татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа, го напушти чешкиот главен град во средината на јули поради семејни обврски во нејзиниот роден Татарстан, една од многуте републики во Русија.

Таа беше накратко задржана додека го чекаше повратниот лет на 2 јуни минатата година на аеродромот во Казан, каде и беа одземени и пасошите и телефонот.

По пет месеци чекање за одлука за нејзиниот случај, Курмашева беше казнета со 10.000 рубли (109 долари) затоа што не го регистрирала американскиот пасош кај руските власти.

Не можејќи да ја напушти Русија без патни документи, Курмашева беше повторно уапсена минатиот октомври и овојпат беше обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“. Два месеци подоцна, таа беше обвинета за ширење лаги за руската војска.

Курмашева неодамна од својата затворска ќелија во рускиот град Казан напиша дека нејзиниот притвор „полека но сигурно станува сè помалку поднослив“.

Видете и ова: Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева 100 дена во руски притвор: „Сè помалку е подносливо“


Многу критичари и здруженија за човекови права велат дека Кремљ го користи таканаречениот закон за „странски агенти“ за да се бори против каква било форма на несогласување.

Москва беше обвинета за приведување на Американци за да ги искористи како потпора за да преговара за размена на Русите затворени во САД.

Курмашева е една од четворицата новинари на Радио Слободна Европа кои моментално се во затвор под обвинение за нивната работа.

Во затвор се и новинарите Андреј Кузниечик, Ихар Лосик и Владислав Јесипенко.
Групите за човекови права и Радио Слободна Европа постојано повикуваа на ослободување на четворицата новинари, велејќи дека тие биле незаконски приведени.