Блинкен утре во прва посета на Тирана

Албанија - Тирана пред посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 15.2.2024.

Албанија ги прави последните подготовки за пречек на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој на 15 февруари ќе ја посети Тирана.

Посетата на високиот американски функционер е придружена со засилени безбедносни мерки.

Блинкен се очекува да пристигне во четврток околу 11 часот на „Меѓународен аеродром Тирана“, кој е на 18 километри од главниот град на Албанија.

Албанија - Тирана пред посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 15.2.2024 година

Еднодневната посета на американскиот дипломат на Тирана ќе се фокусира на иднината на Албанија и на Западен Балкан.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, ја посочи Албанија како „клучен партнер за стабилност и напредок на Западен Балкан“ и ја пофали нејзината вклученост во меѓународните организации.

Уште не е објавена агенцијата на посетата на Блинкен, но американските власти најавија дека ќе се сретне со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, со кои ќе одржат прес-конференција.

Во очи на оваа посета, премиерот Рама рече дека Блинкен ќе ја затекне Албанија посветена на мирот и стабилноста во регионот.

Видете и ова: Блинкен и Лавров нема да се сретнат во Скопје

Блинкен ќе се сретне и со околу сто млади Албанци кои учествувале во некои од студентските програми што ги нуди САД, како што е програмата „Фулбрајт“.

Тој ќе биде шестиот државен секретар на САД што ќе ја посети Албанија.

Пред него, во посета на Албанија беа Џејмс Бејкер во 1991 година, Медлин Олбрајт во 2000 година, Колин Пауел во 2003 година, Хилари Клинтон во 2012 година и Џон Кери во 2016 година.