По повеќечасовна расправа во Собранието со вкупно 63 гласа „за“ Илир Демири е избран за нов министер за здравство, а со исто толку гласа „за“ без „воздржани“ и против“, Наим Бајрами беше избран за нов министер за информатичко општество и администрација во техничката влада. Демири и Бајрами доаѓаат на местото на Фатмир Меџити, односно Азир Алиу, кои во петокот беа разрешени на предлог на техничкиот премиер Талат Џафери.
На почетокот на денешната седница, Џафери пред пратениците го образложи предлогот за именување на актуелниот директор на клиничката болница во Тетово, Илир Демири, за министер за здравство, односно на Наим Бајрами за министер за информатичко општество и администрација, а тој нагласи дека делата на двајцата кандидати зборуваат за нивната личност.
„Предлогот да биде избран Демири, нема потреба за претставување. Скоро секој од нас имал прилика да помине во инфективната клиника, лично или преку член на семејството. Секој од нас, кои доаѓаме од Полог, сме имале прилика да го гледаме во работата при водењето на клиничката болница во Тетово. Делото си зборува само по себе за личноста. За Бајрами, магистер по информатичка технологија, тој секако е млад човек кој што треба да добие прилика да се докаже и покаже во струката и во тој контекст нема причина да се додава нешто во однос на биографијата што ја достави до пратениците“, истакна Џафери.
Видете и ова: Собранието ги разреши министрите Фатмир Меџити и Азир АлиуПо ова следуваше долга дебата, во која пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои зборуваа од говорницата, поставуваа прашања за тоа чии предлози се Демири и Бајрами, односно прашуваа „дали предлогот за нивен избор дошол од Зијадин Села или од ДУИ?“.
„Не знаеме на чиј предлог се овие министри, зад нив не стои политичка партија. Дали на лидерот на Алијанса за Албанците или на крилото на Зијадин Села. Дали се на предлог на ДУИ зашто очигледно тоа крило на Села е под контрола ДУИ. Го трошиме времето во Собрание за вакви пародии влези-излези во Владата, наместо да се носат закони што ќе ги подобрат условите на граѓаните... Прашање е колку тие ќе променат нешто во секторите што ќе ги раководат. Секоја година се менува министер за здравство и никогаш не било полошо, здравството тоне“, истакна Мирче Аџисоки од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, исто така оценија дека изборот на новите министри нема „никаква логика“, посочувајќи дека предложените кандидати не се компетентни.
„Што ќе придонесе Демири како инфектолог во Владата или како Меџити го попречи подготвувањето на изборите? Ако Меџити и Алиу беа од АА, тогаш Демири и Бајрами од каде се? Законски, нели, како што кажа Талат Џафери, не може да има два опозициски субјекта во Владата? Се изнаслушавме се, само не добивме одговор со издржано образложение. Јасно е дека европскиот фронт се распаѓа, а додека е на власт гледавме само скандали, афери, криминал и корупција, не покажа никаква програма и план. Веќе сте прочитана книга и единствено што треба да ви се случи е народ“, истакна Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.
Видете и ова: Села: Се изгласа иницијатива за разрешување на Таравари, ќе се одлучува на конгресИнаку за потсетување, до седницата за разрешување на Меџити и Алиу во петокот дојде по жестокото конфронтирање меѓу актуелниот партиски лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, и неговиот претходник, Зијадин Села за тоа како партијата да се позиционира за претстојните парламентарни избори на 8 мај.
Алијанса за Албанците е актуелен партнер во Владата, но актуелниот лидер Таравари сега се залага за партијата да се приклучи кон опозицискиот блок. Ставот на Села е дека партијата треба да се настапи на изборите самостојно. Меѓу двата табори изминатиот период имаше и физички пресметки, а Таравари доби порака со неиспукан куршум пред неговата куќа.
Алијанса за Албанците беше формирана во 2015 година, а произлезе од Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи.