Шолц и Бајден ги повикаа американските пратеници да одобрат воена помош за Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц на средба со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон, 9 февруари 2024 година.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Соединетите држави (САД) Џо Бајден ги повикаа американските пратеници да го одобрат долго одложуваниот пакет воена помош, објави АФП на 10 февруари.

Шолц и Бајден предупредија дека без оваа помош Киев нема да може да се спротивстави на руската инвазија.

„Неуспехот на американскиот Конгрес да ја поддржи Украина е блиску до криминално запоставување. Тоа е срамота“, рече Бајден за време на разговорот со Шолц, кого го угости во Белата куќа.

Видете и ова: Американскиот Сенат претстави договор за 118 милијарди долари за границите, Украина и Израел

Лидерот на Германија, која е најголемиот воен сојузник на Киев по САД, рече дека се надева на напредок во деблокирањето на помошта од повеќе милијарди долари на САД за Украина.

„Без поддршката на САД и без поддршката на европските земји, Украина не би имала шанса да ја брани сопствената земја“, предупреди Шолц.

Подоцна, во изјава за новинарите по средбата со Бајден, тој рече:

„Затоа и двајцата силно веруваме дека тоа мора да се случи сега, а исто така сме уверени дека американскиот Конгрес на крајот ќе донесе таква одлука“.

Шолц го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека „кажува многу лаги“ во, како што рече, „смешното интервју“ со американскиот водител на ток-шоу Такер Карлсон, објавено на 8 февруари.

„Тој сака да добие дел од територијата на неговите соседи. Тоа е едноставно империјалистичко“, рече Шолц.

Видете и ова: Интервјуто на Путин со Карлсон - критики за пропагандна платформа

На 5 февруари, американскиот Сенат објави договор вреден 118 милијарди долари со кој ќе се зголеми безбедноста на границите и ќе се обезбеди помош за Израел и Украина. Бајден и лидерите на демократите и републиканците во Сенатот вршат притисок за повторно снабдување на Украина за војната против Русија, но се соочуваат со отпор од конзервативните републиканци кои се залагаат за мерки за сузбивање на илегалната имиграција на границата со Мексико.

Нацрт-законот објавен на 4 февруари ќе обезбеди помош од 60 милијарди долари за Украина, чии напори да ја одбие руската инвазија се ослабени со суспензијата на американска испорака на оружје и муниција.