На протест пред Собранието, Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска, 1 февруари, го изрази своето незадоволство поради носењето на предлог-законот за административни службеници, кој е влезен во собраниска процедура во скратена постапка.
Според претседателот на КСС, Благоја Ралповски, со предложениот закон се изземаат круцијалните права на работникот, се вади минималната плата, како и не се почитува Законот за минимална плата.
„Овој закон нема ништо европско, со овој закон само се поттикнува непотизмот и примитивизмот. Вадењето на минималната плата да важи од март, а сите други одредби од 01.01.2025 година. Мислиме дека не е време да се носи еден ваков закон, како што го кажуваат реформски и европски, а нема ништо европско, ниту реформско“, рече Ралповски.
Тој посочи дека поголемиот дел од работниците во јавниот сектор ќе продолжат да земаат минимална плата и нема да добијат усогласување на платите во март, и како што рече, не може да има државни службеници коишто земаат минимална плата, а да се бара професионалност од администрацијата.
Видете и ова: Пратениците се разработија пред крај на мандатотПретседателот на КСС обвини дека ваквиот предлог-закон не бил ставен на ЕНЕР за јавна дебата и тие првпат го виделе кога влегол во собраниска процедура.
„Овој закон е поставен шверцерски, без јавна дебата и не знам зошто пратениците од мнозинството се обидоа да не отфрлат нас како синдикати коишто баравме јавна дебата. Не знам која е потребата, ние кажавме уште при потпишувањето на општиот колективен договор дека имаме камен на сопнување, но и тогаш кажавме, а ќе кажеме и сега дека ќе си ги браниме нашите права онака како што ги браневме многу години наназад, низ протести и штрајкови“, рече Ралповски.
Реакции за предложениот закон имаше и од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија (УПОЗ).
„Доколку ваквиот Закон помине, одговорноста ќе биде на тие што го донеле и на тој што го предложил, особено поради тоа што ваквиот Закон значи околу 2.500 денари помалку во џебот на вработените во јавниот сектор за кои се применува Законот за административни службеници што е недозволиво да се случи на крај на мандат, на неколку денови пред избори во Македонија“, реагираа тие во отворено писмо до пратениците објавено на 30 јануари.
Предлог-законот е дел од пакетот реформски закони подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) предложени по скратена постапка. Пред два дена, на 30 јануари, во собраниската Комисија за европски прашања започна амандманската расправа.