Окружниот суд во Казан, Русија, го продолжи притворот на Алсу Курмашева, новинарка на татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) до 5 април.
Одлуката беше донесена на 1 февруари од страна на судијата Сергеј Аптулин, врз основа на истражно барање.
Судското рочиште се одржа зад затворени врати - на новинарите им беше дозволено само да го слушнат објавувањето на одлуката, а на другите кои дојдоа целосно им беше забранет влез во судницата. Во судот беа претставници на амбасадите на Австрија, Чешка и Холандија.
Адвокатот на Алсу Курмасева инсистираше превентивната мерка да се промени во куќен притвор, но судот одби.
Вршителот на должноста претседател на РСЕ, Стивен Капус, по судското рочиште изјави дека „Алсу Курмашева и нејзиното семејство заслужуваат да бидат заедно“.
„Алсу е во руски затвор четири месеци, јасно е дека е погрешно приведена затоа што е Американка и новинарка која се осмелува да ја врши својата работа: две работи кои се неподносливи за Москва“, нагласи Капус.
Видете и ова: Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева 100 дена во руски притвор: „Сè помалку е подносливо“Минатата недела, на 25 јануари, се навршија 100 дена откако Курмашева беше уапсена во октомври и откако е во притвор.
Курмашева прво беше обвинета дека не побарала од руските власти да ја регистрираат како „странски агент“, а потоа два месеци подоцна беше обвинета за ширење невистини за руската армија.
Обвинението за „странски агент“ предвидува максимална казна затвор од пет години, додека втората точка предвидува казна до 10 години. Курмашева и РСЕ ги негираат обвинувањата и наведуваат дека Москва ја казнува за нејзината новинарска работа.