Загинаа тројца американски војници во Јордан, Бајден ги обвинува милитантите поддржани од Иран

Џо Бајден, претседател на Соединетите Американски Држави

Тројца припадници на американската војска се убиени, а многумина се ранети во напад со беспилотно летало врз американските сили стационирани во североисточниот дел на Јордан во близина на сириската граница, изјави Џо Бајден, претседател на Соединетите Американски Држави(САД) денеска (28.1), обвинувајќи ги за нападот групите поддржани од Иран.

„Додека сè уште собираме факти за овој напад, знаеме дека е извршен од радикални милитантни групи поддржани од Иран кои дејствуваат во Сирија и Ирак“, вели Бајден во изјавата што ја објави Белата куќа.

Ова се први жртви меѓу американските војници во регионот од почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година. Бајден вели дека нападот се случил во саботата вечерта(27.1).

„Ќе продолжиме со обврската да се бориме против тероризмот. И нема сомнеж, ќе бараме одговорност од сите одговорни во време и на начин што ние ќе го избереме“, пишува во изјавата од Бајден.

Во изјавата нема информација колку војници се повредени.

Видете и ова: Подгревање на тензиите меѓу САД и Иран, заканите продолжуваат


„Приближно 34 лица се надгледуваат за можни трауматски повреди на мозокот“, изјави неименуван американски функционер за Ројтерс.

„Нападот во кој загинаа тројца американски војници не беше на јорданска почва, туку во Сирија“, рече портпаролот на владата на Јордан, кралство кое се граничи со Ирак, Израел, палестинските територии на Западниот Брег, Саудиска Арабија и Сирија.

Мухамед ал Мубајдин за јорданската телевизија „Ал Мамла“ изјави дека цел на нападот била американската база Ал Танф во Сирија, пренесе Ројтерс.

Американските трупи долго време го користеа Јордан како база. Во земјата воообичаено се стационирани околу 3.000 американски војници.

Видете и ова: Персиската моќ: Колку е силна Иранската војска?

Откако почна израелската војна против Хамас во Појасот Газа, американските трупи во Ирак и Сирија се соочија со напади со беспилотни летала и ракети врз нивните бази.

Доколку се потврди нападот е извршен во Јордан, тоа ќе биде прв напад врз американски војници во таа земја од почетокот на израелската војна во Газа со Хамас, која Вашингтон и Европската унија ја прогласија за терористичка организација.

Поради поддршката за Израел, американските сили беа цел на исламистичките групи на Блискиот Исток, вклучувајќи ги бунтовниците Хути во Јемен поддржани од Иран и милициите во Ирак поддржани од Техеран.