Новинар на независен руски онлајн весник под притисок во Волгоград

Руска полиција (Илустративна фотографија)

Рускиот независен онлајн весник, Кавкаски јазол, тврди дека непознати маскирани лица се обиделе да упаднат во станот на еден од нивните дописници во југозападниот град Волгоград, на 25 јануари.

Според медиумот, откако маскираните лица не успеале да ја скршат вратата од станот на Вјачеслав Јашченко, ја исклучиле струјата на целиот кат.

Напаѓачите се обиделе да упаднат откако сопругата на Јашченко одбила да ја отвори вратата. Новинарот во тој момент не бил таму.

Инцидентот се случил една недела откако полицијата ја пребарала резиденцијата на Јашченко и му ги конфискувала лаптопот и телефонот, со образложение дека претресот е поврзан со истрагата на антивоениот активист Евгениј Кочегин, кој е осомничен дека дистрибуирал лажни информации за руската војска вклучена во војната против Украина.

Полицијата му кажала на Јашченко дека тој е сведок во случајот бидејќи можеби знае каде се наоѓа Кочегин, но новинарот одбил да одговори на прашањата на истражителите.

Полициските службеници потоа рекоа дека можеби има елементи на кривично дело во онлајн-преписката на Јашченко со Кочегин.

Јашченко рече дека откако полицијата му го вратила мобилниот телефон, почнал да добива голем број спам пораки.

Видете и ова: Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева 100 дена во руски притвор: „Сè помалку е подносливо“

Кочегин, поранешен координатор на тимот на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални во Волгоград и лидер на антивоеното движење Дозор (Гледајте), побегна од Русија во мај 2022 година, помалку од три месеци откако Москва ја започна својата тековна неиспровоцирана инвазија на Украина.

Во септември 2022 година, руските власти го додадоа Кочегин на својата листа на „странски агенти“.

Три месеци подоцна, рускиот суд издаде налог за апсење на Кочегин и го додаде на листата на барани лица.

Обвинението против Кочегин произлезе од неговите објави на интернет во 2022 година, осудувајќи ја целосната агресија на Русија против Украина.

Онлајн весникот Кавкаски јазол најмногу се фокусира на вестите и случувањата во рускиот Северен Кавказ и блиските региони.