Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница ја презентираше анализата на одлуките при носењето и склучувањето на договорот за градба на коридорите 8 и 10Д со Бехтел и Енка и донесе одлука таа да се достави до Основното јавно обвинителство за нивно понатамошно постапување.
Членот на ДКСК Катица Николовска посочи дека од доказите кои што ги обезбедиле во текот на постапувањето, направиле анализа за состојбите и постапувањата на државните органи при носењето одлуки, при носењето на законот и склучувањето на договорот за градба на коридорите 8 и 10Д со Бехтел и Енка.
„Меморандумот е потпишан, но јавно не е објавен досега. Потоа група пратеници поднесува предлог закон и по 15 дена се носи во Собранието. Тој се применува како „лекс специјалис“ и исклучува примена на други закони. Ваквото постапување на Владата упатува на усогласено постапување и низа активности со цел обезбедување незаконски поволности. Активностите на владини претставници согласно нивните наводи за склучување на договорот, може да се оценат како спротивни на законот за лобирање“, изјави Николовска.
Видете и ова: Што се случува на терен додека Бехтел и Енка добиваат пари за автопатитеАко се земе во предвид дека договорот за градење на 109 километри автопат во вредност од 1,3 милијарди е со ознака доверливо, Николовска посочи дека тоа отвора сомнеж за потенцијална корупција.
„Договорот што го баравме од Владата со Бехтел и Енка по голем број преписки го добивме, но не целосно. Без голем број анекси. Од таа причина не навлеговме во оценка на договорот во целост“, изјави Николовска.
Николовска исто така нагласи дека имаат индиции за несоодветно и незаконско постапување на одредени лица.
Анализата на ДКСК, како што беше посочено по нејзиното презентирање покажува дека постојат ризици од корупција, но дека засега нема ништо конкретно и дека надлежните институции треба да продолжат да го следат.