Северна Кореја соопшти дека ја тестирала својата нова стратешка крстосувачка ракета во средата, објави во четвртокот државната новинска агенција КЦНА, потврдувајќи го она што го соопшти јужнокорејската војска еден ден претходно.
Ракетата наречена „Пулвасал-3-31“ моментално е во развој и пробното истрелување немало влијание врз безбедноста на соседните земји, наведуваат државните медиуми, додавајќи дека „нема никаква врска со регионалната ситуација“.
Тестот е исто така дел од процесот на ажурирање на вооружените системи на земјата, се наведува во веста, која се повикува на Ракетната управа.
Началникот на здружениот генералштаб на Јужна Кореја соопшти дека верува дека лансирањето било за тестирање на надградба на способностите на постоечките ракети.
Војската на Јужна Кореја во средата соопшти дека Северот истрелал повеќе крстосувачки ракети во морето во близина на нејзиниот западен брег околу 7 часот наутро во средата, додека министерот за одбрана на Јужна Кореја, Шин Вон-сик, го осуди лансирањето како сериозна закана за неговата земја.
Видете и ова: Северна Кореја истрела балистичка ракета, објавија Сеул и Токио„Стратешки“ обично се однесува на нуклеарно оружје.
Северна Кореја го изврши својот прв тест на крстаречка ракета за можни нуклеарни напади во септември 2021 година.
Јужна Кореја во четвртокот соопшти дека започнува со масовно производство на извидувачки беспилотни летала на средна височина со цел да ги распореди во 2027 година за да ги подобри способностите за надзор и да придонесе за воениот извоз.
Севернокорејските крстосувачки ракети обично привлекуваат помал интерес од балистичките, бидејќи тие не се конкретно забранети со ниту една резолуција на Советот за безбедност на ОН.
Сепак, аналитичарите тврдат дека крстосувачките ракети со среден дострел за копнени напади не се ништо помала закана од балистичките ракети и се сериозна закана од Северна Кореја.