Руската амбасада во Албанија потврди дека во нејзиното седиште во Тирана ќе биде отворено избирачко место за претстојните претседателски избори во Русија, кои се закажани за 17 март.
Според одговорот на анкетата на Радио Слободна Европа (РСЕ), можноста за гласање за руските граѓани ќе биде отворена на денот на изборите, 17 март. Се додава дека работното време на избирачкото место ќе биде објавено подоцна.
РСЕ доби и потврда од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија и Руската амбасада во Скопје дека руските државјани во таа земја ќе можат да гласаат во амбасадата на таа земја.
Од МНР велат дека Амбасадата на Руската Федерација им испратила нота со која ги известува „дека планираат да им дозволат на руските државјани кои престојуваат во земјата да гласаат на претседателските избори на Руската Федерација, во нивната амбасада во Скопје и во нивниот Почесен конзулат во Охрид, доколку нема пречки од властите на Северна Македонија“.
„Согласно нашите законски прописи, не постои одредба со која се забранува можноста другите земји да спроведуваат избори во нивните дипломатско-конзуларни претставништва на територијата на Северна Македонија“, соопштија од МНР.
РСЕ доби и потврда од руската амбасада во Скопје дека руските државјани во Северна Македонија ќе можат да гласаат во амбасадата на таа земја. Не беа дадени други детали.
РСЕ не можеше да добие информации за можноста да гласаат руските државјани кои се наоѓаат во Црна Гора. Според најновите податоци, доставени до РСЕ од црногорската полиција во јули 2023 година, има околу 25 000 граѓани на Русија со одобрен престој во таа земја.
Инаку, три од земјите од Западен Балкан се на официјалната листа на „непријателски земји“, од кои во моментов има вкупно 49. Меѓу нив се Албанија, Северна Македонија и Црна Гора.
Видете и ова: Претседателски избори во Русија: Промени или нов мандат за ПутинСписокот на „непријателски држави“ беше формиран од Министерството за надворешни работи на Русија во април 2021 година, околу два месеци по почетокот на инвазијата на Украина, на што Западот одговори со санкции против Русија.
Засега нема официјални потврди или деманти од Москва дека гласањето ќе биде можно во амбасадите на некоја од другите „непријателски држави“, вклучувајќи ги и сите 27 членки на Европската Унија.
За гласањето во Косово, Србија и БиХ
Во телефонски разговор со РСЕ, Канцеларијата на Русија на Косово соопшти дека руските граѓани кои работат на Косово можат да гласаат преку интернет. И покрај тоа што се истакнува дека станува збор за „многу мал“ број на гласачи, не беа прецизирани детали за можната можност за гласање преку интернет.
Извор од Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина (БиХ) за РСЕ потврди дека надлежните претставници на Русија се обратиле до таа земја со барање да се одржат избори, односно гласање во руската амбасада во БиХ.
Сепак, според истиот извор, Советот на министри на БиХ, кој ја носи конечната одлука, се уште не го одобрил руското барање поради одредени „правни недостатоци“ во добиеното барање. Не ни беше објаснето за какви недостатоци станува збор.
Руската амбасада во Сараево не одговори на прашањето на РСЕ за можноста руските граѓани да гласаат во Босна и Херцеговина.
Кога станува збор за Србија, засега нема информации дали руските државјани ќе можат да гласаат во таа земја. На прашањето на РСЕ не одговорија ниту од руската амбасада во Белград, ниту од надлежните институции на Србија.
По почетокот на војната во Украина, низ Србија поминале голем број руски државјани. Последен податок за бројот на оние кои останале во Србија беа објавени пред осум месеци. Тогаш Министерството за внатрешни работи на Србија достави податоци според кои во тоа време во Србија имало речиси 30 000 Руси со одобрен привремен престој.
Изборите за претседател на Русија беа распишани на 7 декември минатата година. Ден подоцна беше објавено дека Владимир Путин како независен кандидат ќе учествува на претседателските избори. Досега тој четири пати беше избиран на највисоката државна функција: 2000, 2004, 2012 и 2018 година.