Навални по три години од апсењето: Структурата на моќта на Путин се потпира „на лаги“

Алексеј Навални за време на сослушувањето преку видео врска на 11 јануари 2024 година.

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, по повод третата годишнина од неговото затворање поради, како што вели, политички мотивирани обвиненија, во средата порача дека моделот на моќ што го создаде претседателот Владимир Путин во Русија е „неодржлив бидејќи е изграден на лаги“.

Соработниците на Навални прочитаа соопштение на Јутјуб во кое тој објаснува зошто решил да се врати во Русија на 17 јануари 2021 година, кога беше уапсен по враќањето од Германија. Таму тој се лекуваше од труење кое беше, како што заклучија европските лаборатории, со советски нервни агенси.

„Имам своја земја и свои верувања. И не сакам да се откажам од мојата земја и моите верувања. Не можам да го изневерам ниту едното, ниту другото. Ако твоите верувања вредат нешто, мора да бидеш подготвен да се бориш за нив. А ако морате, да бидете спремни и на жртва“, рече Навални во изјавата, пренесува рускиот сервис на Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Судот не одобри подолги паузи за оброк и повеќе книги за Навални

Тој додаде дека со враќањето го одржал ветувањето дадено на своите гласачи.

„Оние кои не лажат мора конечно да се појават во Русија. Излегува дека морам да платам со затворање во самица за моето право да ги имам и да ги изразувам моите верувања. И, се разбира, не ми се допаѓа што ме затворија. Но, нема да се откажам од моите идеи и од мојата татковина“, се вели во соопштението.

Навални, кој за малку ќе умреше од труење за кои ги обвинува руските безбедносни оперативци кои дејствувале по наредба на Путин, првично беше осуден на две и пол години затвор за прекршување на условниот отпуст додека се опоравуваше во странство.

Кремљ негираше вмешаност во труењето на Навални.

Првичната пресуда нашироко се смета за монтиран и политички мотивиран случај.

Во март 2022 година, Навални доби деветгодишна затворска казна под обвинение за непочитување и проневера со измама, што тој и неговите поддржувачи постојано ги отфрлаа како политички мотивирани обвиненија.

Антикорупциската фондација на Навални и нејзината мрежа на регионални канцеларии беа означени како „екстремистички“ организации и беа забранети по неговото апсење, што доведе до уште едно судење против него под обвинение за екстремизам.

Видете и ова: Во новогодишната честитка Навални порача дека не се чувствува напуштен

Во август 2023 година, судот му ја продолжи затворската казна на Навални на 19 години и го испрати во построга установа со „посебен режим“ од затворот со максимална безбедност каде што беше сместен.

Минатиот месец Навални беше префрлен во таков затвор во руската арктичка област.

Соработниците на Навални претходно најавија дека планираат да организираат митинзи во десетици градови низ светот со барање за ослободување на Навални и оставка на Путин.

Европската унија во средата објави соопштение во кое апсењето на Навални го нарече политички мотивирано и изрази загриженост за неговото здравје и живот.

Во соопштението на ЕУ, исто така, се повикува Кремљ веднаш да ги ослободи Навални и другите политички затвореници во Русија, меѓу кои и Илја Јашин, Владимир Кара-Мурза, Јуриј Дмитриев, Алексеј Горинов и Лилија Чанишева.