Достапни линкови

Вести

Судот не одобри подолги паузи за оброк и повеќе книги за Навални

Алексеј Навални.
Алексеј Навални.

Рускиот Врховен суд на 11 ноември отфрли две тужби поднесени од затворениот опозициски политичар Алексеј Навални против Министерството за правда. Навални се противи на прописите на Министерството за поправните институции, според кои, има забрана за повеќе од една книга во казнените ќелии и ограничување од 15 минути за консумирање храна во затворските кафетерии.

Навални, денеска преку видео врска се појави пред судија на Врховниот суд, но тој му ги одби барањата за подолги паузи за оброци и да му се даде пристап до повеќе книги.

Еден ден претходно, друг суд ја отфрли тужбата на Навални против неговото сместување во казнена ќелија во октомври во затворот каде што беше претходно сместен. Навални изјави претходно оваа недела дека бил испратен во самица веднаш по завршувањето на карантинскиот рок во построг затвор во рускиот арктички регион.

Навални, кој има 47 години, се обрати до судијата облечен во црна затворска униформа и стоејќи зад решетки во мала празна соба.

Ова беше негово последователно појавување на суд, втор ден по ред.

Навални минатиот месец беше префрлен во арктичката казнена колонија „Поларен волк“, откако неговата кумулативна казна беше продолжена на повеќе од 30 години затвор.
Навални и неговите поддржувачи велат дека многу од обвиненијата против него, кои се движат од измама до екстремизам, се измислени за да ја замолчат неговата критика кон рускиот претседател Владимир Путин.

види ги сите денешни вести

Нема да има уште еден час евтина струја

илустрација
илустрација

Анализата на потрошувачката на струја од 2021 година до септември 2024 година покажува дека до крајот на 2023 година немало услови за враќање на евтината тарифа. Во првите девет месеци од оваа година, пак, анализата покажала дека најниски биле цените за еден час за струјата во периодот од 12 до 16 часот во текот на денот. Сепак претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, вели дека не се исполнети условите за дополнителен еден или два часа евтина струја во текот на денот.

„Кога разговаравме за воведување евтина тарифа, кажавме дека она што се случува на пазарот, тоа ќе сакаме и да го пресликаме. За жал, на пазарот од 20 до 24 часот цените се убедливо повисоки од сите други периоди во кои имаме и евтина и скапа тарифа. Доколку би го следеле пазарот, тогаш воведувањето евтина тарифа би било од 12 до 16 часот, но ќе треба евтината тарифа што ја имаме од 22 до 24 часот, кога имаме реално високи цени, да се укине“, рече претседателот Бислимоски.

За да не ги менуваат догогодишните навики на потрошувачите и да не предизвикаат негативни реакции, регулаторите засега нема да прават измени.

Бислимоски рече дека веќе имал состанок со ЕСМ и со „ЕВН хоум“ за дополнителен еден час евтина струја преку ден, на кој го известиле дека немаат забелешки, но се договориле да ја следат ситуацијата на пазарот со струја имајќи ги предвид навестувањата за поскапување на струјата од јануари.

„Во оној момент кога ќе се создадат услови, како што и ја воведовме оваа евтина тарифа, како што ја вративме од почетокот на минатата година во текот на денот и сме единствена земја во регионот што има евтина тарифа во текот на денот, вклучувајќи и еден дел од Босна и Херцеговина, верувам дека кога ќе имаме порелаксирани услови на пазарите на електрична енергија, и тогаш ќе воведеме дополнителен еден или два часа евтина тарифа во текот на денот“, рече Бислимоски.

Во меѓувреме, останува дневната евтина тарифа од 13 до 15 часот, потоа од 22 до 7 часот и во недела.

Во Кривичен продолжува судењето за убиството на Вања и Панче

илустрација
илустрација

Во Кривичниот суд денеска (16 октомври) продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. На денешното рочиште прв сведочеше Музафер Каришиќ, помошник началник на СВР Скопје. Тој е предложен како сведок од обвинителството.

Каришиќ бил првиот што контактирал со родителите на девојчето, кога се јавиле индиции дека Вања е киднапирана.

„Првата средба со родителите на Вања беше на денот на пријавување во вечерните часови. Тогаш ние директно се вклучивме во работата, отидовме да видиме што е сработено и што да се преземе. Тогаш родителите за прв пат ги видовме. Мајката беше посталожена. Првиот впечаток за таткото беше чуден за мене но и за колеги, после разговорот анализиравме беше конфузен, потиштен во многу изјави и многу работи кои ние го прашувавме“, сведочеше Каришиќ.

Во продолжение, тој зборуваше и за потрагата, што се одвивала заедно со таткото и роднина на семејството Ѓорчевски. Помошник началникот сведочеше дека се слушал со Александар секојдневно по неколку пати и дека му праќал слики и пораки, но и дека таткото бил убеден дека девојчето е киднапирано и убиено.

Нов момент на денешното рочиште е што нов адвокат ќе го брани првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо. На денешното рочиште во судницата се појави со адвокатот Јовица Страшевски кој заедно со адвокатот Марјан Витановски ќе го бранат Палевски на судењето.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Италијанскиот брод со мигранти пристигна во албанското пристаниште Шенѓин

илустрација
илустрација

Италијански брод со 16 мигранти денеска (16 октомври) пристигна во албанското пристаниште Шенѓин. Ова е прва група мигранти што албанските власти се согласиле да ја прифатат.

На бродот „Либра“, кој тргна од италијанското пристаниште Лампедуза, се вели дека превезувал десет мигранти од Бангладеш и шест од Египет, кои биле спасени на море откако ја напуштиле Либија.

Овој договор - постигнат меѓу Тирана и Рим во ноември минатата година, а кој беше негативно критикуван од организациите за човекови права, предвидува Албанија да прифаќа до 36.000 мигранти годишно, а барањата за азил на овие мигранти ќе се обработуваат во два центри во Албанија.

Се вели дека петгодишниот договор ќе ја чини Италија 160 милиони евра годишно.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони го опиша договорот со Албанија како иновативно решение за долгорочен проблем.

„Тоа е нов, храбар, пат без преседан, но совршено го одразува европскиот дух и ги има сите предуслови за пат што треба да се следи дури и со земји кои не припаѓаат на Европската Унија“, рече Мелони пред италијанските пратеници.

Албанскиот премиер Еди Рама во вторникот изјави дека неговата земја одбила многу барања од европските земји за прифаќање бегалци, но направи исклучок за Италија.

Почна транспортот на мигранти од Италија во кампови во Албанија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:09 0:00

Тој рече дека Албанија е благодарна што Италија прифатила десетици илјади Албанци за време на падот на комунизмот во 1991 година, како и за помошта што ја пружи Рим за време на економската криза во 1997 година и по земјотресот во 2019 година.

Според договорот меѓу двете земји, процедурите за мигрантите ќе се одвиваат во два центри.

Првиот центар во Шенѓин ќе се користи за постапката за идентификација на мигрантите, додека вториот центар, во Ѓадер, на околу 20 километри од пристаништето, инаку поранешен воен аеродром, ќе се користи за сместување на мигрантите до разгледување на барањата за азил.

Центрите ќе работат според италијанскиот закон, со италијанско обезбедување, додека судиите ќе водат сослушувања преку видео врска од Рим. Италија се согласи да ги прифати мигрантите кои добиваат азил. Оние кои нема да добијат азил ќе бидат депортирани директно од Албанија.

Договорот го поддржа и шефицата на Европската Унија, Урсула фон дер Лајен, како модел за решавање на проблемите со мигрантите во Унијата.

Групите за човекови права тврдат поинаку.

Елиса де Пиери од Амнести интернешенел за Радио Слободна Европа изјави дека планот веќе е критикуван за кршење на човековите права и „колку и да се трудиме да го спроведеме непречено“, ќе има прекршувања, од моментот кога еден од мигрантите ќе биде „фатен“ на море до пристигнувањето во Албанија.

Таа рече дека е многу разочарувачки што Европската комисија го гледа ова како добар пат напред.

„Ова не е ништо ново. Многу земји ги испробаа овие начини да ја префрлат одговорноста од грижата за бегалците и мигрантите во земји кои се генерално посиромашни“, посочува Елиса де Пиери.

Бројот на мигранти кои пристигнуваат во Италија преку медитеранската рута е намален за 61 отсто во 2024 година во споредба со претходната година. Според податоците на италијанското МВР, до 15 октомври годинава во Италија пристигнале 54129 мигранти, наспроти 128 947 мигранти во истиот период лани.

Земјотрес со јачина од 6,3 степени ја погоди источна Турција

илустрација
илустрација

Земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала го погоди источниот дел на Турција, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Во извештајот се наведува дека земјотресот се случил во 10 часот и 46 минути по локално време, на длабочина од девет километри.

Земјотресот е измерен на 40 километри источно од градот Малтај, кој има повеќе од 440 000 жители, и 27 километри јужно од Баскил, каде живеат околу 16 000 луѓе.

За потсетување, Турција и Сирија беа погодени од разорен земјотрес на 6 февруари минатата година.

Еден од најсилните сеизмички удари некогаш забележан во тој регион остави половина милион луѓе без покрив над главата, а милиони остави длабоки трауми.

Речиси 60 000 луѓе исчезнаа во урнатините, повеќе од 53 000 во Турција и 6000 во Сирија.

По неколкудневна пауза Израел повторно го нападна Бејрут

илустрација
илустрација

За прв пат по неколку дена Израел го нападна главниот град на Либан, Бејрут.

Арапскиот портпарол на израелската војска ги предупреди цивилите во областа Дахија - за која се верува дека е упориште на Хезболах - дека воздушните сили ја гаѓаат зградата.

Тоа е прв напад во близина на главниот град од двата напади во кои загинаа 22 лица во густо населена населба минатиот четврток.

Сведоците слушнале експлозија и виделе облак чад во средата наутро (16 октомври), бидејќи израелската војска соопшти дека целта била објект за оружје.

„Хезболах го складираше ова оружје во подземен магацин во областа Дахие, клучното терористичко упориште на Хезболах во Бејрут“, се вели во соопштението.

Соединетите Држави го прогласија Хезболах за терористичка организација, додека Европската Унија на црната листа го стави само вооружентоо крило, а не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.

Хезболах, група поддржана финансиски и воено од Иран, ја поддржува палестинската милитантна група Хамас, која САД, исто така, ја прогласија за терористичка организација, од почетокот на војната во Газа.

Пред нападот на Бејрут, во вторникот беа пријавени израелски воздушни напади низ целата земја.

Либанското Министерство за здравство извести дека пет лица загинале во Ријак, во долината Бека во источен Либан. На југ, уште петмина беа убиени во Србине и тројца во Тулин, додаде Министерството.

Во Кана, во близина на Тир на југ, имало серија напади. Според Министерството, едно лице загинало, а 30 се ранети. Државната новинска агенција вели дека бројот на загинати може да биде поголем.

Во друг дел на југот, четири лица се убиени во Мазраат Мешреф, соопшти управата за цивилна заштита. Најмалку 1315 луѓе се убиени низ Либан од 23 септември, според АФП, врз основа на официјални податоци. ОН наведуваат дека околу 700 000 луѓе се раселени.

Хезболах и Израел речиси секојдневно разменуваат оган од почетокот на војната во Појасот Газа. Израел започна копнена операција во Либан на почетокот на овој месец, со цел да го ослабне Хезболах.

Судски совет ќе разгледува барања за исклучување на јавноста во постапки за одговорност на судии

Зграда на судски совет
Зграда на судски совет

Судскиот совет на Република Северна Македонија треба да одржи седница на чиј дневен ред се повеќе точки помеѓу кои барања за исклучување на јавноста во постапки по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд, утврдување на престанок на судиска функција поради пензија, избор на судии поротници на Основен Кривичен суд Скопје и формирање на Комисија за проверка на исполнетост на условите и критериумите за избор на претседател на Основен суд Кавадарци.

На дневен ред на 502. седница, покрај усвојување на записници од 496 и 497 седница, е и разгледување и усвојување на Извештај за резултати од проверка на знаење на практична работа со компјутери.

Разгледување и одлучување за времено упатување на судија за вршење на судиска функција во друг суд, разгледување и одлучување по поднесени жалби на ранг листи на кандидати за избор на судии во повисок суд и тоа за Апелационен суд Штип и Апелационен суд Гостивар и разгледување и одлучување по приговор од кандидат по објавен оглас за избор на претседател на Апелационен суд Битола, се, исто така, дел од дневниот ред.

Дополнително, денеска се очекува да биде разгледан и извештајот на Комисијата за одлучување по приговори за редовно оценување на судиите и претседателите на судовите за период 2019-2022 година како и извештаи на Комисии за проверка на исполнетост на условите и критериумите за избор на претседатели на Виш управен суд и основните судови во Берово, Делчево, Крушево, Охрид, Радовиш, Струмица и Гевгелија.

Во армијата на Северна Кореја се пријавиле 1,4 милиони доброволци

илустрација
илустрација

Северна Кореја соопшти дека околу 1,4 милиони млади луѓе се пријавиле да се приклучат или да се вратат во војската оваа недела, обвинувајќи ја Јужна Кореја за провокативен напад со беспилотно летало што „ја доведе тензијата до работ на војна“.

„Младите, вклучително и студенти и претставници на младински организации кои потпишаа петиции за приклучување во армијата, се решени да се борат во светата војна за да го уништат непријателот со оружјето на револуцијата“, се наведува во соопштението на КЦНА.

Тврдењето на Пјонгјанг дека повеќе од милион млади луѓе доброволно се приклучуваат на Корејската народна армија доаѓа во време на многу високи тензии на Корејскиот полуостров.

Минатата година државните медиуми објавија дека 800 000 граѓани доброволно се пријавиле во севернокорејската војска за да се приклучат во борбата против САД, а во 2017 година, речиси 3,5 милиони работници, членови на партијата и војници доброволно се приклучиле или повторно се приклучиле на армијата.

Според Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS), Северна Кореја има 1,28 милиони активни војници и околу 600 000 резервисти.

Хезболах тврди дека соборил два израелски дрона

илустрација
илустрација

Либанскиот Хезболах, кој веќе три недели е во отворена војна со Израел, соопшти дека соборил уште еден „израелски дрон од типот Хермес 450“. Хезболах, која САД ја сметаат за терористичка група, иако ЕУ го стави само на црната листа военото крило, а не и на политичката партија, контролира голем дел од јужен Либан.

Според оваа проиранска милитантна организација, тој дрон бил виден „во пламен“ на израелската страна на границата.

Хезболах сега споменува „непосредни судири“ со израелските војници, кои почнаа со копнени напади на 30 септември во јужен Либан, кој граничи со северен Израел.

Оваа организација известува дека тие секојдневно го напаѓаат Израел со ракети и дронови.

Израел, од друга страна, го засили бомбардирањето на Либан, а неговите беспилотни летала постојано се во воздушниот простор на земјата.

Рама слави за Тирана, жали за Скопје

Прес конференција во Луксембург, по отворањето на првиот кластер од преговорите на Албанија, албанскиот премиер Еди Рама, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сиарто и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј
Прес конференција во Луксембург, по отворањето на првиот кластер од преговорите на Албанија, албанскиот премиер Еди Рама, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сиарто и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј

Првиот кластер од преговорите на Албанија со Европската Унија кој денеска беше отворен на втората меѓувладина конференција што на 15 октомври се одржа во Луксембург е кластерот „Темелни вредности“ во кој се содржат неколку преговарачки поглавја.

Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека слави за Тирана, но жали за Скопје. Албанија и Северна Македонија заеднички ги започнаа преговорите на 19 јули 2022 година во Брисел. Скопје и Тирана беа ставени во ист политички пакет за преговори со ЕУ, но откако Северна Македонија не ги изгласа уставните измени кои беа услов за одржување на втората меѓувладина конференција, пред две недели ЕУ донесе одлука за Тирана сама да продолжи со преговорите.

„Јас морам да кажам дека се чувствувам тажно, и искрено го кажувам тоа, поради фактот што нашата братска држава Северна Македонија, која што уште не може да влезе во оваа фаза, додека тие беа меѓу првите, или пак и првите кои што го започнаа процесот. Кога зборувам за нашите понижувања, три пати по ред бевме одбивани пред да ги започнеме пристапните преговори, се чувствувам посрамен, затоа што помислувам на Северна Македонија и за нивното посрамување, тие дури го сменија и името за да можат да го започнат ова“, изјави Рама.

Рама изјави дека ЕУ не може без Западен Балкан, исто како што Балканот не може без ЕУ. Тој додаде дека секој чекор на успех што ќе го направи Албанија треба да се гледа како чекор напред за целиот Балкан.

„Ќе ја направиме Албанија подготвена за Европската унија до 2030 година“, изјави Рама.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сиарто, како претседавач со ЕУ, изјави дека Албанија го заслужува стартот на преговорите. Тој додаде дека и Скопје го заслужува истото и дека поддршката на Унгарија нема тука да застане.

„Мораме да сфатиме дека оваа политика го загуби кредибилитетот во последно време, со оглед на фактот дека просечното време на чекање на членство на земјите кандидати од Западниот Балкан сега надмина 15 години. Тоа е едноставно несоодветно, мораме да го забрзаме процесот на проширување, рече Сијарто, потсетувајќи дека проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан е еден од главните приоритети на унгарското претседателство со Унијата“, изјави тој на заедничката прес конференција.

Според еврокомесарот за профишривање Оливер Вархеји, денешниот старт на преговорите со Албанија по првиот кластер „Основи вредности“ можеби звучи како техничка работи, сепак тој го отвора патот за суштински разговори за условите под кои Албанија ќе стане членка на Европската Унија.

Кластерот „Темелни вредности“ опфаќа сет на поглавја поврзани со фундаменталните реформи, од чие спроведување ќе зависи целокупното темпо на преговарачкиот процес и почетокот на преговорите по другите кластери. Преговорите по овој кластер се отвораат први, а се затвораат последни.

Албанија е прва меѓу земјите кандидати за членство во ЕУ, што ќе ги води пристапните преговори според ревидираната методологија за проширување на Унијата усвоена во 2020 година.

Протестен марш за инклузија на луѓето со попреченост

Протестен марш под слоганот „И ние сме деца на Македонија“ одржаа во Скопје на 15 октомври членовите на организација на Коалицијата „Менуваме“. Со овој протестен марш, демонстрантите бараат од Владата преговарачка рамка во која ќе бидат вметнати сите недостатоци во системот кој ги опфаќа лицата со попреченост. Тие бараат поддршка и инклузија во општеството преку преговарачка рамка со надлежните институции.

Суарет Алиша од Коалицијата „Менуваме“ вели дека со новиот Закон е предвидено лицата со попреченост да плаќаат 20 часа за асистент што, според нив, е недозволиво бидејќи, како што рече, лицата со попреченост се социјална група.


„Тука сме да покажеме дека и ние сме деца на Македонија, да пратиме порака до државата да можат да нѐ разберат. Заедно со Црвениот Крст како најуспешен провајдер на асистенти имаме предлог решенија со цел да ги заштитиме асистентите да не бидат обесправени. Предлагаме формирање на мешовита установа водена од Црвениот Крст. Нашата цел е асистентите да можат да добиваат по 22 500 денари, согласно законот кој предвидува хонорарот на асистентите да не биде под минималната плата. Предлозите ги поднесовме вчера до Собранието, Владата и претседателката на државава“, дополни тој.

Маршот започна пред Собранието, а заврши пред Владата. Лицата со попреченост, нивните лични асистенти и негуватели протестираа за социјална правда и рамноправност.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG