САД повторно ги ставија Хутите на листата терористички групи

Нови припадници на Хутите на крајот од нивната обука, 11 јануари 2024 година.

Американската влада во средата ги врати јеменските бунтовници Хути на листата терористички групи, поради нивните напади врз бродови во Црвеното Море.

Американските власти рекоа дека ознаката „Специјално назначена глобална терористичка“ (SDGT), која наметнува строги санкции за групата поддржана од Иран, има за цел да го прекине финансирањето и оружјето што го користат Хутите за напад или киднапирање на бродови во виталните бродски ленти на Црвеното Море.

„Ако Хутите ги прекинат своите напади во Црвеното Море и Аденскиот Залив, САД веднаш ќе ја преиспитаат оваа ознака“, рече советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

Европската унија, за разлика од САД, сега нема да ги класифицира Хутите како терористичка организација, бидејќи тие веќе се под санкции, изјави портпаролот на службата за надворешна политика на ЕУ.

Видете и ова: Тензиите на Црвеното Море погубни за глобалната економија

Администрацијата на претседателот Џо Бајден, исто така, определи исклучоци со цел да се избегне влијанието на санкциите врз населението на Јемен, кое се потпира на увоз на храна и хуманитарна помош.

„Стејт департментот денеска го објавува назначувањето на Ансаралах, како што вообичаено се нарекуваат Хутите, како Специјално назначена глобална терористичка група, која ќе стапи на сила 30 дена од денес“, рече државниот секретар Ентони Блинкен во изјавата.

Блинкен додаде дека на 30 дена до спроведувањето, американската влада ќе допре до засегнатите страни, давателите на помош и партнерите кои се клучни за овозможување хуманитарна помош и комерцијален увоз на критични стоки во Јемен.

Портпаролот на Службата за надворешна политика на ЕУ рече дека веќе важечките санкции предвидуваат сите средства и економски ресурси на Хутите во ЕУ да бидат замрзнати. Тие, исто така, забрануваат испраќање средства или економски ресурси на групата.

Дополнителна категоризација на Хутите како терористичка група првенствено би имала симболична вредност во ЕУ и е релативно тешко да се спроведе. Причината за ова е што за вклучување на списокот за тероризам на ЕУ ќе биде потребна одлука на национален суд или наредба за забрана од управен орган.

Кампањата на Хутите во Црвеното Море, за која велат дека е знак на солидарност со Палестинците против Израел, ја наруши глобалната трговија, ги поттикна стравувањата од инфлација и ја продлабочи загриженоста дека последиците од војната меѓу Израел и Хамас може да го дестабилизираат Блискиот Исток.

Минатата недела Бајден ги нарече Хутите „терористичка“ група. Американски и британски воени авиони, бродови и подморници извршија десетици воздушни напади врз Хутите, кои ги контролираат најнаселените делови на Јемен.

Воената коалиција предводена од Саудиска Арабија интервенираше во Јемен во 2015 година, поддржувајќи ги владините сили кои се борат против Хутите во војна која нашироко се смета за прокси конфликт меѓу сојузникот на САД, Саудиска Арабија и Иран.

Видете и ова: Кои се јеменските Хути и зошто се нападнати?

Администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп ги стави Хутите на два списоци каде што се означени како терористи еден ден пред крајот на неговиот мандат. Обединетите нации, хуманитарните групи и некои американски законодавци изразија загриженост дека санкциите ќе го нарушат протокот на храна, гориво и други стоки во Јемен.

На 12 февруари 2021 година, американскиот државен секретар Блинкен ги отповика ознаките во знак на „признание за страшната хуманитарна ситуација во Јемен“.

Во средата, Хутите беа повторно наведени како терористичка група, но не и како „странска терористичка организација“, која вклучува построги забрани за обезбедување материјална поддршка на оние што се на списокот. Американските власти рекоа дека тоа ќе го олесни изземањето на хуманитарните стоки од санкции.

ОН велат дека има „сериозна“ хуманитарна криза во Јемен и оти на повеќе од 21 милион луѓе – што е две третини од населението – им е потребна помош. Тие исто така наведуваат дека повеќе од 80 отсто од населението се бори да пристапи до храна, вода за пиење и соодветни здравствени услуги.