Обилен снег и град го пореметуваат сообраќајот во Европа

Откажани летови на аеродромот во Франкфурт, 17 јануари 2024 година.

Интензивното зимско невреме во северна Европа доведе до откажување на стотици летови во средата на аеродромот во Франкфурт, најпрометниот аеродром во Германија, додека обилниот снег во Скандинавија го запре воздушниот сообраќај во Осло на неколку часа.

Портпаролката на аеродромот во Франкфурт рече дека 570 од 1 047 летови биле одложени од средата наутро, бидејќи германската бизнис престолнина се подготвува за драматични временски услови.

До раните попладневни часови, сите преостанати полетувања беа одложени поради почетокот на паѓањето на град, иако слетувањата сè уште беа можни, рече портпаролката. Засега не е познато колку долго ќе трае прекинот.

Аеродромот во Минхен, исто така, објави „значителни ограничувања на летовите“ поради лошото време, при што 250 од 650 планирани летови се откажани.

Аеродромот во Осло соопшти дека бил затворен неколку часа поради обилниот снег, пред да биде повторно отворен во 15:30 часот. Повеќето автобуси линии во норвешката престолнина се откажани, а железничкиот оператор „Ви“ најави затворање на линиите во големи делови од источниот дел на земјата.

Видете и ова: Екстремни поплави и температурни минуси во Европа

Во соседна Шведска, обилниот снег доведе до повеќе сообраќајни инциденти во западните и јужните делови на земјата, предизвикувајќи метеж на неколку клучни патишта.

„Известуваме дека површината на коловозот е многу лизгава и полицијата ги повикува граѓаните да не излегуваат на патиштата доколку не е апсолутно неопходно“, соопштија од полицијата.

Германската авиокомпанија Луфтханза ги советуваше патниците да проверат дали нивните летови се откажани пред да се упатат кон аеродромите.

Во Германија најавени се и до 40 сантиметри снег и подмрзнати услови на патиштата, особено во покраината Баден-Виртемберг.

Тамошната полиција извести за „акумулација на несреќи“ на патиштата во близина на Баден-Баден, додека 34-годишен возач во соседната Рајнска област-Пфалц удрил во дрво и починал откако се излизгал од селски пат.

Пожарникарите и другите работници во службите итни случаи во Рајнска област-Пфалц се подготвија за сообраќајни несреќи и други итни ситуации со повикување дополнителен персонал и возила. Тие ги повикаа возачите да не тргнуваат на патот освен ако е апсолутно неопходно.

Националната железничка компанија Дојче Бан соопшти дека ги забавува брзите возови поради лизгавите услови и предупреди на доцнења и откажувања на нејзината регионална и меѓуградска мрежа, особено меѓу западните градови Келн и Франкфурт.

Автобуските услуги во Рајнската област-Пфалц и Сар исто така беа намалени бидејќи германската метеоролошка служба предупреди на екстремно лизгави патишта и ризик од паѓање на гранки и далноводи под тежината на мразот и снегот.

Во големи делови од Баварија, најголемата покраина во Германија, училиштата се затворени во пресрет на опасните зимски услови.