Кабинет на Пендаровски: Претседателот нема преземено обврска да преговара со Грција

Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски даде предлог за надминување на проблемот со личните документи и патните исправи. Во однос на комуникацијата со Грција, може да помогне во процесот, но нема преземено обврска во таа смисла, наведуваат од Кабинетот на претседателот на државата по денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека „претседателот на државата презеде обврска да се чуе со претседателката на Грција“.

„Како што и претходно информиравме претседателот Стево Пендаровски даде предлог за надминување на проблемот што се појави во однос на замената на личните документи и патни исправи, но таа процедура е во целосна надлежност на Владата и Собранието. Во однос на комуникацијата со Грција, претседателот Пендаровски може да помогне во процесот, но нема преземено обврска во таа смисла“, посочуваат од Кабинетот на претседателот на државата.

Видете и ова: Можно ли е продолжување на рокот за промена на личните документи?

Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на општина Шуто Оризари, се огради за можноста лично да комуницира со Грција велејќи дека таа обврска ја презел Пендаровски.

„Со грчките власти немам разговарано. Претседателот на државата презеде како обврска да се слушне со претседателката на Грција. Имаме разговори што се водат со ресорните министри. Ја видов иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд. Не ја отфрлам, но одлуката е на Уставниот суд“, рече Ковачевски.

Премиерот рече дека како држава со Преспанскиот договор сме се обврзале дека до 12 февруари документите за надворешна употреба ќе бидат со новото уставно име на државата.

„Законски измени може да се направат, но сепак се работи за документи за надворешна упшотреба, значи личната карта и со Република Македонија се користи за внатрешна уоппотреба, како и возачката дозвола. Надчовечки напори се направени од страна на вработените во МВР, променети се 1, 2 милиони пасоши, гледате дека работат луѓето и за празници и во недела и ќе разговараме, тоа е процес кој мора да се заврши“, кажа Ковачевски.

Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ со иницијатива до Уставен, бараат пасошите и возачките дозволи да важат и по 12 февруари


Тој додаде дека мора да се постигне договор со Грција, бидјеќи е една од омилените дестинации за патување на нашите граѓани.

„Документите за надворешна употреба се потребни за граѓаните кои патуваат надвор од државата и затоа треба да се постигне некаков договор и со Грција, бидејќи на крајот на денот кога ќе ги видите и дестинациите во кои најмногу патуват нашите граѓаните од средина на мај до средина на септември најмногу патуваат во Грција од доминантно туристички причини“, рече Ковачевски.

Според Преспанскиот договор со Грција кој стапи на сила во 2019 година, граѓаните треба да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од пет години од влегувањето во сила на уставните измени, а тој рок истекува во февруари.

Според податоците од МВР, од 5 јули 2021 година до 31 декември 2023 година, сменети се 1.007.885 лични карти, , 1.169.463 пасоши и 529.799 возачки дозволи.