Евакуација на цивили од 20 села во североисточна Украина

илустрација

Украина нареди евакуација на 26 села од областа Харков во североисточниот дел на земјата, поради повторените напади на руската армија во таа зона.

„Со оглед на ситуацијата, воведуваме задолжителна евакуација на населението од заедниците Киндрашивска и Курливска во областа Купјанск“, напиша на социјалните мрежи регионалниот гувернер Олег Синегубов, пренесува АФП.

Тој ги наведе имињата на 26 места на кои се однесува наредбата, каде живеат 3043 луѓе, меѓу кои 279 деца.

Украинското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во руските артилериски напади во понеделникот се ранети најмалку три лица во градот Њујорк, кој се наоѓа во регионот Донбас во источна Украина, а пет лица сè уште се под урнатините.

Видете и ова: Битка за чистење на Црното море од мини

„Руската војска го нападна местото со наведувани бомби“, соопшти Министерството.

Во нападите беа оштетени шест трикатни згради и три куќи.

Русија во вторникот (16 јануари) објави дека во текот на ноќта неутрализирала неколку украински беспилотни летала над нејзините погранични области со Украина, а во еден напад била ранета и една девојка.

Според локалните власти, уништени се пет украински беспилотни летала, три се пресретнати над регионот Воронеж и четири над регионот Белгород, кои се наоѓаат на границата со Украина.

Во последните недели, Киев и Москва ги засилија нападите во војната што трае речиси две години. Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.