Американската војска пресретна противбродска ракета на Хутите

илустрација

Американската војска соопшти дека уште еден проектил истрелан од бунтовниците Хути со седиште во Јемен бил пресретнат на југот на Црвеното Море.

Бунтовниците вчера истрелаа противбродска крстосувачка ракета кон разурнувач на американската морнарица, објави регионалната команда на американската војска во понеделник, во раните утрински часови на X.

Ракетата била пресретната од американските воздухопловни сили во близина на јеменскиот крајбрежен град Ал Худаида. Нема извештаи за жртви или материјална штета.

Видете и ова: Тензиите на Црвеното Море погубни за глобалната економија

Од избувнувањето на војната во Газа меѓу Израел и исламистичката милитантна организација Хамас, бунтовниците Хути поддржани од Иран постојано напаѓаат бродови во Црвеното Море.

Големите бродски компании за транспорт се повеќе ја избегнуваат рутата.

Соединетите Држави и Велика Британија, поддржани од Холандија, Канада, Австралија и Бахреин, неодамна нападнаа позиции на Хутите во Јемен.