САД воведоа санкции за компании кои ги поддржуваат Хутите

На оваа слика добиена од Министерството за одбрана на САД, разурнувачот со наведувани проектили од класата Арли Бурк USS Carney транзитира по Суецкиот канал на 26 ноември 2о23 година.

Министерството за финансии на САД на 12 јануари објави нови санкции за две компании во Хонг Конг и Обединетите Арапски Емирати, како дел од акцијата против финансиската мрежа која ги финансира бунтовниците Хути во Јемен поддржани од Иран.

Канцеларијата за контрола на странски средства на одделот (OFAC) објави во соопштение дека компаниите испраќале ирански стоки во име на мрежата на финансиски олеснувачи на Хутите и дека приходите од продажбата на стоките ги поддржуваат Хутите „и нивните континуирани напади против меѓународниот превоз во Црвеното Море и Аденскиот Залив“.

Видете и ова: Тензиите на Црвеното Море погубни за глобалната економија

Санкциите беа објавени откако САД и Велика Британија извршија напади врз бунтовниците Хути за да ги запрат нивните напади врз бродовите на Црвеното Море.

Компаниите назначени за санкции на 12 јануари се Cielo Maritime во Хонг Конг и Global Tech Marine Services со седиште во Обединетите Арапски Емирати.

Во соопштението, исто така, беше идентификуван финансискиот олеснувач како Саид ал-Џамал, велејќи дека тој „се ангажира во различни комерцијални активности кои вклучуваат продажба на ирански производи“ за да генерира приходи за Хутите и силите Кодс на Исламската револуционерна гарда.

Ал-Џамал беше назначен за санкции од Министерството за финансии во јуни 2021 година.