Зеленски пристигна во Вилнус на ненадејна турнеја низ балтичките земји

Зеленски пристигна во Вилнус на ненадејна турнеја низ балтичките земји. Го пречека литванскиот претседател Гитанас Науседа, 10 јануари 2024

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во главниот град на Литванија, Вилнус, на почетокот на ненадејната турнеја низ балтичките земји.

„Естонија, Летонија и Литванија се наши сигурни пријатели и принципиелни партнери. Денеска пристигнав во Вилнус пред моето патување во Талин и Рига. Ќе разговарам со претседателот, премиерот, претседателот на парламентот, како и со политичарите, медиумите и украинската заедница“, напиша Зеленски на X.

Тој додаде дека на дневен ред се безбедноста, интеграцијата во ЕУ и НАТО, соработката во електронското војување и беспилотните летала и натамошната координација на европската поддршка.

„Литванските и украинските лидери ќе разговараат за текот на војната во Украина, поддршката за Украина и интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО“, соопштија од Кабинетот на литванскиот претседател.

Зеленски ги повика сојузниците да ја задржат воената поддршка и минатиот месец одржа разговори со официјални лица од Соединетите Држави, Германија и Норвешка.

Видете и ова: Украина се прашува уште колку ќе издржи без оружјето од Западот

Во меѓувреме, во Украина утрото на 10 јануари беше прогласена целосна тревога за воздушен напад, а властите им наложија на граѓаните да се евакуираат поради зголемениот ризик од руски ракетни напади.

„Опасност од ракетен напад низ територијата на Украина! Руски МиГ-31К полета од аеродромот Саваслеика (во рускиот регион Нижни Новгород)“, соопштија украинските воздухопловни сили на Телеграм.

Во последните неколку дена, Украина доживеа неколку масовни напади (и со употреба на ракети и со беспилотни летала) од Русија. Како резултат на овие гранатирања, стотици беа ранети, а десетици загинаа.