Невреме во Австралија, евакуирани стотици жители

Илустрација, поплави во Австралија

Стотици луѓе добија наредба да ги евакуираат своите домови во понеделникот, откако силно невреме го погоди југоисточниот дел на Австралија. Невремето предизвика големи поплави во државата Викторија.

Наредбата за евакуација се однесува на тешко погодените области во малите градови Сејмур и Јеа, околу 112 километри северно од Мелбурн. Властите им порачаа на жителите и туристите веднаш да заминат бидејќи поплавите достигнаа опасно ниво.

Властите спасија 38 луѓе од поплави и беа упатени речиси 1.000 повици за помош, соопштија од Службите за вонредни состојби во Викторија. Властите предупредија дека е веројатна поплава над нивото на подот на еднокатна куќа, а пристапот до клучните патишта ќе биде тежок. Оваа област е популарна кај туристите.

„Ако живеете во област подложна на поплави, ве молиме направете ги потребните планови. Особено луѓето што живеат во паркови со каравани и кампуваат покрај потоци и други водни патишта. Падот на гранки од дрвја и поројните поплави се најголем ризик. Ве молиме, не возете низ поплавите“, порача комесарот за управување со вонредни состојби во Викторија, Рик Нуџент.

Видете и ова: Екстремни поплави и температурни минуси во Европа


Исто така, има извештаи за контаминација во локалниот систем за водоснабдување во југоисточниот дел на Викторија. Властите предупредуваат дека пиењето на незовриена вода од чешма може да доведе до стомачни проблеми.

Мелбурн е поштеден од силното невреме иако има големо количество врнежи од дожд.

Државите Јужна Австралија и Нов Јужен Велс, исто така, се подготвуваат за бури бидејќи населениот источен брег на земјата и натаму е погоден од лошото време.